среда, декември 18, 2024
домаКУЛТУРАТеатар и ФилмПраизведба на драмскиот текст „Марта Верина“ од Драгана Лукан Николоски, во режија...

Праизведба на драмскиот текст „Марта Верина“ од Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ

Во петок, 08 ноември, во Македонскиот народен театар ќе се одржи праизведбата на драмскиот текст Марта Верина од Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ, а во копродукција помеѓу Перипетија продукција и Македонски народен театар и во соработка со Фондација „Ацо Шопов“.

Марта Верина е првенствено приказна за жена која истовремено е и херој и антихерој. Жена која поради своите „погрешни“ избори не му припаѓа на општеството во кое живее и човек кој засекогаш мора да живее со товарот на „грешката“ која ја направил. Претставата всушност сака да отвори клучни прашања за колку е присутна стигматизацијата во општеството и времето во кои живееме, ставајќи го гледачот во позиција на воајер кој бесрамно гледа, суди и пресудува за нечии животни постапки. „Грешки“ кои сите ние сме ги направиле, но кои се обидуваме да ги закопаме длабоко во себеси, мислејќи дека таму долу се сигурни, заштитени од светот кој безмилосно отфрла. Инспириран од поезијата на Ацо Шопов, текстот анатомски ги расчленува меѓучовечките односи давајќи детална слика за тоа како постапките на родителите влијаат врз нивните деца и како „жртвите“ кои тие се подготвени да ги поднесат се покажуваат како погрешен избор. Отварајќи прашања за тоа дали космички сме предодредени да ги плаќаме „гревовите“ на нашите родители или сепак станува збор за избори кои се предизвикани од наученото однесување со кое сме растеле текстот наметнува отворање на бројни прашања, а најмногу на тоа: дали навистина постои карма или пак личните избори ни ја предодредуваат судбината?

Во претставата играат: Дарја Ризова, Григор Јовановски, Благој Веселонов, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Амернис Нокшиќи, Софија Насевска-Трифуновска и Саша Ханџиќ. Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимограф е Ивана Каранфиловски Угуровска, музиката на Оливер Митковски и Андреја Салпе, а дизајнот на постерот на Сара Митова. Како дел од проектот е објавена и книга чија промоција ќе биде одржана во склоп на премиерната изведба на претставата.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ