Полската влада спроведе предупредување за тероризам во провинцијата каде што во декември ќе започнат годишните разговори за климатските промени на ОН. Климатските активисти предупредуваат за напната атмосфера во и околу градот Катовице во јужна Полска, каде што глобалните преговори за климата, познати како COP24, треба да започнат в понеделник.
Катовице, град со околу 300.000 луѓе – и најмалиот град досега домаќин на разговорите за климатските промени на ОН, ќе пречека околу 30.000 луѓе за климатската конференција, вклучително и шефови на држави, владини претставници и претставници на ОН.
Како што пренесува Клои Фаранд за „Еко воч“, во текот на викендот, полскиот премиер Матеуш Моравиецки потпиша наредба за прогласување на АЛФА предупредување – првото од четирите зголемени нивоа на безбедност против тероризам – низ целата јужна провинција Шлезија, каде што се наоѓаат Катовице и Краков.
Во соопштението, владата потврди дека зголемените безбедносни мерки биле воведени поради COP24 и ќе останат во сила за целиот период на разговорите, до 15 декември.
Зголеменото предупредување значи зголемени контроли во засегнатите области, при што жителите се замолени да пријават каква било сомнителна ситуација или поединец. Тоа, исто така, значи дека зголемен број безбедносни сили ќе бидат распоредени во вонредни ситуации и дека службените лица можат да ги контролираат и проверуваат возилата, како и да пристапат до приватните комуникации.
Полската погранична полиција, исто така, потврди дека привремено се обновени границите на Полска со Германија, Литванија, Чешка и Словачка и дека границата може да се премине само во одредени области, при што се вршат дополнителни проверки во пристаништата и аеродромите.
Мерките треба да траат во тек на конференцијата за клима со проверки по случаен избор на луѓето кои влегуваат во Полска.
Веста доаѓа откако „ДеСмог Велика Британија“ претходно годинава објави дека полскиот парламент го одобри законот со кој се забранети сите спонтани протести во Катовице за време на разговорите. Забраната не се однесува на демонстрации организирани во конференцискиот центар.
Законот обезбедува разни иницијативи за „обезбедување на безбедноста и јавниот ред“ и овозможува полицијата „да собира, добива, обработува и користи информации, вклучувајќи и лични податоци за луѓето кои се регистрирани како учесници на Конференцијата COP24 или кои соработуваат со организацијата, без знаење и согласност на вклучените луѓе“.
Патрик Бијалас, новоизбраниот независен советник за Катовице и долгогодишен климатски активист, изјави за „ДеСмог Велика Британија“ дека расположението во Катовице „беше многу лошо“.
Бјалас, исто така, рече дека жителите во Катовице веќе се соочуваат со високо ниво на безбедност.
„Веќе има многу полицајци на улиците и службениците им велат на луѓето да се држат настрана од центарот на градот за време на разговорите“, рече Бијалас, додавајќи дека полициските службеници неодамна ја прекинаа обуката за преговорите за климата што тој ја организираше со жителите на Катовице.
„Никој не зборува за COP во јавната расправа. Општото познавање за што се работи на овој собир е многу ниско во Полска. Од друга страна, владата испраќа многу силна пропаганда за јаглен, што го претстави климатскиот самит како уште еден глобален економски конгрес“, додава тој.
Марш за климата е организиран во Катовице на 8 декември со дозвола на локалните власти и не е јасно дали може да се случат други настани во центарот на градот.
„Ќе има протести за време на разговорите надвор од конференцискиот центар во Катовице, но исто така и околу Полска, но многу Полјаци се плашат да учествуваат“, рече Бијалас. „Постои можност демонстрантите да се соочат со затвор доколку ја прекршат забраната за спонтани протести“.
Влијанието на полското оспорување за спонтани протести и собирањето на податоци на сите учесници има влијание многу подалеку од Катовице.
Себастијан Дујк, виш адвокат во Центарот за меѓународно право за животна средина, изјави за „ДеСмог Велика Британија“ дека има „силни тензии“ околу законот. Институциите на ОН и групите на граѓанското општество разговараа со полското претседателство за контроверзниот закон, но дискусиите не резултираа со какви било измени на текстот.
Дујк додаде дека овластувањата на полицијата според законот да собира податоци доведоа некои климатски активисти од земјите во развој без демократски институции да не присуствуваат на конференцијата во Катовице, стравувајќи од реперкусии во нивните земји.
Азиско-пацифичкиот форум за жени, право и развој (APWLD), тајландска мрежа на феминистки и грасрут организации за климатски промени, го опиша законот како „поставување на опасен преседан“кој ги „поткопува човековите права и основните слободи“.
Во соопштението, членот на APWLD, Банамалика Чудхури од Индија предупреди: „Ова стегање на просторот на граѓанското општество и слободата на изразување е знак на зголемено влијание на актерите кои заработуваат за профит кои не сакаат да го променат системот на експлоатација што води до климатските промени“.
„Со затворање на простори за гласовите на луѓето да стигнат до глобални платформи како што е COP, профитабилните експлоататорски индустрии и државите продолжуваат да работат како што е вообичаено по цена на планетата“.