четврток, мај 23, 2024
домаНасловнаПРВИ МАЈ ВО СКОПЈЕ: Синдикатите здружено ќе маршираат за Хумано работничко законодавство...

ПРВИ МАЈ ВО СКОПЈЕ: Синдикатите здружено ќе маршираат за Хумано работничко законодавство и негова доследна примена

Без разлика на нивното име, статус или начин на борба, борците за синдикалните права во Република Македонија веќе 110 години се борат за една иста цел – правна сигурност на работниците, хумани услови за работа, како и достојно и правично вреднување на трудот на секој еден кој живее од својата работа. И, без разлика дали работодавачот е државата, приватен сопственик, или, пак, мултинационална компанија, веруваме дека без да се испочитуваат овие услови никогаш нема да оствариме напредок ниту, пак, да изградиме праведно и хумано општество и вистинска социјална држава.

Традицијата нè обврзува, но современата работничка стварност десеткратно повеќе нè притиска да излеземе на улиците на Меѓународниот ден на трудот!

Овој Први мај – Денот на трудот – го одбележуваме во значително поинаква атмосфера од онаа што владееше во последните десет години! Заслужува да се каже дека ги почитуваме некои од првите чекори што актуелната власт ги прави, но дека има и чекори што не’ плашат, односно веруваме дека не одат во вистинскиот правец.

Најголема слабост до сега е – ужасно спорото темпо на промени на планот на работничките права во функција на живот со дигнитет. ПОТСЕТУВАМЕ дека нема демократија без социјална правда и економска рамноправност, дека работничките права се подлога на сите останати граѓански права и дека 99% од луѓето ја обезбедуваат својата елементарна егзистенција преку својот труд. Но, свесни сме и дека не можеме да говориме за работнички права без вистинска демократија и владеење на правото. Оттаму, УКАЖУВАМЕ на неопходноста од:

1. ДЕПАРТИЗАЦИЈА на Собранието на Република Македонија

Без вистинско Собрание, како збир на индивидуи со сопствена размисла и постапување согласно вредностите во чие име се боревме за промени – не можеме да очекуваме претстојните законски реформи ниту да бидат на вистинската линија ниту да бидат она што ни е потребно! А без вистински промени на законите – сето она против што се боревме ќе биде легализирано, а никако победено и променето – темелно и сеопфатно!!!

2. ДЕМОНТАЖА на системскиот правен хаос

Основната алатка за контрола и притисок на претходната власт беше злоупотребата на правото до невидени рамки преку креирање на тотална правна несигурност и селективна примена на законите! Законите беа менувани хаотично и секојдневно, беа донесувани подзаконски акти што беа посилни од законите!?! Беа носени стратегии и стратешки планови, акциони планови, планови за спроведување на стратегиите, планови за спроведување на акционите планови… И создавајќи „шума“ од „прописи и насоки“, тие самите си бираа што ќе важи за „нив“ и „нивните“ – а што ќе важи за сите други „нас“. Затоа, процесот на денормирање и квалитетна правна реформа мора да започне од Собранието и пратениците кои со својот личен пример ќе ја спречат оваа Влада и таа да не подлегне на таквите искушенија! И, во рамките на тој процес на денормирање сите толкувања да поаѓаат од основните критериуми – хуманост, праведност и почитување на работничките права како базичен дел од корпусот на човекови права.

3. ДЕКОНСТРУКЦИЈА на партиски инсталации

Заробувањето на државата во периодот што го оставивме зад нас се спроведуваше преку поставување „свои луѓе“ и послушници, најчесто нестручни и неодговорни, и тоа не само на прво управно ниво туку и на клучните точки во секоја институција, претпријатие, стручно тело…Најголем дел од нив беа противправно поставени или противправно дејствуваа на своите позиции. Во изминативе десет месеци видовме дека процесот на нивна деконструкција почна и – запре. Па дури и почна да се враќа наназад. Таквите структури многу бргу ја компромитираат и ја урнисаат секоја, па и оваа Власт. А штетите ќе продолжат да ги трпат сите граѓани. Оттаму, укажуваме дека процесот на нивно отстранување од конкретните позиции мора да биде НАЈИТНО продолжен и довршен.

Потсетуваме – тоа не е реваншизам. Едноставно, треба да се примени правото без и најмала негова повреда, со што ќе се покаже дека во Македонија заврши времето на неказнивост, како и непочитувањето на принципот на вреднување.

Затоа, сите што ги споделувате овие наши видувања, ВЕ ПОВИКУВАМЕ Да излеземе на Први мај и да покажеме дека сме за хумано работничко законодавство и неговата доследна примена.

Збирно место: Плоштад Карпошово востание – Скопје
Маршрута: Плоштад Карпошово востание – Собрание – Влада
Почеток: 10.30

Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)
Самостоен синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ)
Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)
Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
Независен академски синдикат (НАкС)

 

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ