четврток, ноември 7, 2024
домаРаботилници за филмска критика во Домот на културата во Гевгелија

Работилници за филмска критика во Домот на културата во Гевгелија

На 10 и 11 ноември, во организација на здружението „Аквариус“, ќе се одржат работилници за пишување сценарио во Гевгелија и Богданци во рамките на новата платформа „МАТРИЦА“, кои ќе ги водат режисерките Лидија Мојсовска и Елеонора Венинова

„МАТРИЦА“ е новата платформа која веќе понуди работилници за филмска критика и за пишување сценарио во текот на мај, а во ноември се одржува втората фаза од оваа програма. Како што веќе објавивме, овие работилници се одржуваат во 4 града, во: Куманово, Скопје, Гевгелија и Богданци. Во мај беа одржани работилниците предвидени за Куманово и за Скопје, а за 10 и 11 ноември предвидени се работилниците за Гевгелија и за Богданци, кои ќе се одржуваат во Домот на културата во Гевгелија.
Работилниците ќе ги водат две наши млади, но веќе етаблирани режисерки и сценаристки, Лидија Мојсовска и Елеонора Венинова. Лидија Мојсовска зад себе го има краткометражниот игран филм „Награда“, кој беше на повеќе од 50 филмски фестивали и освои 18 награди и признанија, додека нејзиниот нов краток филм, „Само ѓаволот се плаши од вода“, ќе биде прикажан во официјалната натпреварувачка програма на претстојниот филмски фестивал во Талин, Естонија. Елеонора Венинова е авторка на неколку наградувани кратки филмови, како: „Борба за смрт“, “Влакна“, а последниот краток филм „Знак“, направен заедно со израелскиот автор Јона Розинкер, имаше премиера на престижната програма „Кензен“ во Кан. Моментно, нејзиното долгометражно играно деби „Преекспонирано“ ќе има светска премиера на фестивалот кој веќе е во тек во Каиро, Египет.
Според програмата предвидено е на работилниците да се зборува за тоа како да се раскаже приказната, поточно својата приказна, потоа што е сценарио, а што е синопсис, ќе се зборува за форматот и структурата на сценариото, но ќе има можност и за пишување свои синопсиси кои ќе се презентираат вториот ден. Инаку, во рамки на работилниците ќе има и проекции на филмови и секако дискусија за нив, а на крајот и можност за прашања и впечатоци. Искуството, како што велат од здружението, е многу позитивно од Скопје и од Куманово, каде што се виде дека младите навистина имаат интерес, само проблемот е што има многу малку можности да зборуваат за филмската уметност во текот на школувањето. Ментори на работилниците за филмските критики, кои веќе работеа со младите автори и со средношколците, се долгогодишните новинарки и филмски критичарки, Сунчица Уневска и Гена Теодосиевска.
Преку овој проект насловен „МАТРИЦА“ се поставува прашањето колку е важно денеска да се зборува за критичкото мислење, колку е важно да се познава начинот и процесот на работа на едно филмско дело, колку е значајно младите да ја знаат важноста во изразувањето и начинот на раскажување на својата идеја, како и тоа колку е значајно оценувањето на тие уметнички дела. И уште повеќе, колку е важно да знаат што значи културата за едно општество, да знаат дека филмот и секако критиката, која оди рака под рака со уметноста, воопшто, може да понуди нови идеи и да нѝ овозможи да се соочиме и да го анализираме општествениот миг во кој денеска живееме.

Од одржувањето на работилницата во Скопје
Една од важните цели на „МАТРИЦА“ е и фокусот на раскажувањето приказни, односно подготовка на сценаријата, што се покажува како доста слаба, ако не и најслаба карика во работата на еден филм во нашата земја, а секако и развојот на критичната мисла, која речиси тотално изгуби на значење, иако факт е дека без тоа нема одење напред, ниту создавање зрели дела, компетентни автори и слика за тоа каде сме и каде одиме. Целта беше и е да се вклучат што повеќе партиципиенти, од различни области и од другите градови, бидејќи филмската уметност не е сконцентрирана само во Скопје.
И, како потсетување, „МАТРИЦА“ е име кое не е случајно одбрано (со асоцијација на истоимениот научнофантастичен филм). Матрицата е модел, матрицата е систем, матрицата е структура, како што покажа и филмот. Здружението „Аквариус“, кое е организатор, но и формирано за унапредување на филмот и ангажираниот однос кон него, се обидува да испише еден нов однос кон филмот, кој претходно беше во многу загубен. Но сега, со оглед на постигнувањата на новите генерации, работите очигледно се менуваат, пред сè во поглед на работата на филмот, а преку овие работилници нивната цел е така да биде и во поглед на филмската критика и во поглед на пишувањето на филмски сценарија. Важно е да се врати времето кое се потпира на проверените и вистински вредности, но секако обидувајќи се да создаде и нови. Не случајно, слоганот и пораката на „МАТРИЦА“ гласат: „Се гледаме во матриксот“.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ