понеделник, декември 30, 2024
домаЖивотРепортажиРепортажа: Талин бисер на Балтикот

Репортажа: Талин бисер на Балтикот

Филип Спировски

На настанот за подготовка на конференцијата УНЕА4 (еколошката агенција на Обединетите нации) со која претседава токму Министерот за екологија на Естонија беше потврдена заложбата за користење на досегашните податоци во развивање на нови технологии за одржлива потрошувачка и одржливо производство.

Ако си замислиш град, сликата што ти се проектира во мислите сигурно ќе содржи саат кула, шпицест или овален покрив од црква, вода, парк, модерен архитектонски подвиг или рустикална фасада или двор. Во Талин сето ова го има насекаде; од било која стана да погледнеш, од секаква перспектива и во големи, а непретенциозни количини. Брдестиот терен на кој е распослан овој бисер на Естонија му дава посебен шарм од кој патникот намерник може да се насладува со денови.

Од хотелот каде се одржуваше настанот кон центарот водеше нагорна, едносмерна за возење, широка улица. Десно на падината се протегаше парк со детско игралиште и со педесетгодишни дрва, а низ патеките рекреираа луѓе. Од левата страна бедемот од тврдината го означуваше јужниот дел од стариот град, а на големата кула на врвот се виореше естонското знаме кое секој ден на зајдисонце церемонијално, со музика се спушташе да преноќи. На врвот од брдото или поточно на една од плоштад – терасите гордо и ненаметливо се издига катедралата Александар Невски, нем сведок за времето кое во нашите глави сосем неточно асоцира на руска чизма. Тоа е горниот дел на  „Стариот град“ на Талин и е под заштита на УНЕСКО како најзачуван средновековен град.

Подолу, се наоѓа Данскиот парк „чуван од бронзените монаси“ од каде што се протега панорама која во првиот дел ги отсликува покривите на околните згради, а понатаму централната висока, хотелско административна зграда во чиј пасаж се наоѓа Вуру центарот – административно продажен центар. Долу по брдото, малку налево започнува пешачката улица полна со плоштадчиња, на кои блескаат кафулиња, ресторани, сувенирници и вистински „средновековни“ сокачиња меѓу убавите згради со ненаметливи и чисти фасади. На едно од плоштадчињата, спроти средновековната црква на Светиот дух, се наоѓа кафе слаткарницата: „Калев“ во која покрај кафето, алкохолот и чоколадите, се нудат и рачно изработени и обоени слаткасти фигури кои на прв поглед асоцираат на украси.

Градскиот превоз е приказна за себе. Го следи развојот на 400 илјадниот град. Најново е трамвајската линија која го поврзува меѓународниот аеродром со централното јадро. Ако се знае дека на само два часа, преку море, се стигнува до Хелсинки, станува појасно од каде таа смиреност и исполнителност во луѓето што ги сретнав. Меѓу нив беше и активистка на „Групата за Рим“ која ни го објасни акутниот еколошки проблем со кој се среќаваат во моментот тие. „Имено, бизнис олигарсите сакаат да изградат супербрза линија која ќе го спои Талин со Рига под права линија. За таа цел е потребно да се исечат илјадници метри кубни шума и да се девастира земјиште во еколошки заштитени зони. Ова е уште почудно бидејќи постоечката линија овозможува возот да се движи со брзина од 140 км. на час.“

Да не заборавиме дека ИТ агенцијата на ЕУ е со седиште токму во Талин. Веројатно затоа што владата на Естонија вложува многу во дигитализацијата. Интернет има на секој агол, во секое кафуле, насекаде… сите информации се дигитализирани и лесно достапни. Јазичната бариера се надминува на англиски и на руски јазик со кои владеат мнозинството од граѓаните. А во рестораните може да се најде се за сите гурмани. Мојот обид за гастрономско доживување го направив во ресторан во центарот, на пешачката улица познат како „Ханза – средновековна гостилница“. Просториите осветлени само со свеќи одвраќаа од романтика и не внесуваа во авантура: да јадеш и да замислуваш дека си вратен со времеплов пет-шестотини години наназад. Персоналот е облечен како од тоа време, а храната се служи на глинени чинии. Чашите се заоблени и најчесто наполнети со домашно пиво со цимет и со мед. Естонија не произведува вино па вината се интернационални. На првиот кат од дрвената гостилница во аголот на просторијата на метар и половина од подот на издигната платформа, свиреа три девојки на кавали и тапан мелодии средновековни, а во репертоарот имаа и македонска песна! Од ова беа изненадени и домаќините со кои ги споделувавме впечатоците од темите на конференцијата „Одржливо производство и одржлива потрошувачка“ (во еколошка смисла).

Се на се, Естонија заслужува да се види не само за време на службено патување туку наменски, како дестинација која плени со чистота и љубезност.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ