Изложбата насловена „Ретроспектива“ на Даме Затуровски ќе биде отворена на Илинден, 2 август во фоајето на Центарот за култура во Струга, во 20.30 часот. На претстојната изложба ликовниот уметник Даме Затуровски пред публиката ќе се претстави со своето декади долго и плодно творештво со околу седумдесетина дела изработени во пастел и неколку други техники. Неговиот академски реализам е претставен преку мотиви на на мртва природа, пејзажи како и портрети во делата, инспирирани од родната Струга.
Даме Затуровски е член на друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1993 година. Дипломиран правник. Зад себе има преку 11 самостојни изложби. Учесник е на повеќе групни изложби и ликовни колонии во Македонија и надвор. Познат е и по изработката на макети на стари бродови и верски објекти, чии фотографии исто така ќе бидат изложени.
Изложбата ќе биде достапна за посетителите во попладневни термини од 19.00 часот во текот на следната недела.