недела, декември 22, 2024
домаРетроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ продолжува и во март

Ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ продолжува и во март

Во пресрет на 45-ото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“Кинотеката на Македонија, фестивалот, Центарот за култура Битола организираат ретроспектива на култни филмови чии кинематографери се некои од досегашните лауреати на „Браќа Манаки“. Во Кинотека филмовите од ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ се прикажуваат секоја среда од 20:00, а во Центарот за култура Битола секој понеделник од 20:00.

Во март во рамките на ретроспективата ќе бидат прикажани следниве филмови:

АМЕЛИ (2001), снимен од францускиот кинематографер БРУНО ДЕЛБОНЕЛ, добитник на Специјалната златна Камера 300 за посебен придонес на светската филмска уметност на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2011 година, шесткратно номиниран за Оскар, како и добитник на Меѓународната награда и на наградата ASC на Американското здружение на кинематографери и Европската филмска награда за најдобра кинематограферска работа. Освен по соработката со режисерот на „Амели“, Жан-Пјер Жуне, Делбонел е познат и по соработките со браќата Коен, Александар Сокуров, Тим Бартон, Џо Рајт и Питер Богданович.

ДОБРИОТ, ЛОШИОТ И ГРДИОТ (1966), снимен од италијанскиот кинематографер Тонино Дели Коли, добитник на Златната Камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2002 година, на Меѓународната награда на Американското здружение на кинематографери и на четири Давид ди Донатело награди за најдобра фотографија. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Дели Коли, култниот Серџо Леоне. Освен по соработката со Леоне, Дели Коли е познат и по соработките со Федерико Фелини, Пјер Паоло Пазолини, Роман Полански, Луј Мал, Роберто Роселини, Марио Моничели, Дино Ризи, Џузепе Торнаторе и Роберто Бенињи.

ЕРИН БРОКОВИЧ (2000), снимен од веројатно најголемиот кинематографер на американскиот независен филм, Роберт Лакман, добитник на Златната Камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2019 година, трикратно номиниран за Оскар, последен пат оваа, 2024 година, како и добитник на Наградата за животно дело на Американското здружение на кинематографери и на БАФТА наградата за најдобра кинематограферска работа во игран филм. Освен по соработката со режисерот на „Ерин Брокович“, Стивен Содерберг, Лакман е познат и по соработките со Тод Хејнз, Вим Вендерс, Улрих Зајдл, Пол Шредер, Тод Солондз, Лари Кларк, Софија Копола, Мира Наир, Роберт Алтман и Николас Реј.

ЛЕОН ПРОФЕСИОНАЛЕЦОТ (1994), снимен од францускиот кинематографер Тјери Арбогаст, добитник на Наградата на публиката на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2006 година, како и трикратен добитник на наградата Цезар за најдобра фотографија и на Големата награда за техничко достигнување на Канскиот филмски фестивал. Освен по соработката со својот постојан соработник, режисерот на „Леон професионалецот“ Лик Бесон, Арбогаст е познат и по соработките со Матје Касовиц, Брајан Де Палма, Андре Тешине и Емир Кустурица.

Целосната програма погледнете ја ТУКА.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ