Огромен глечер кој лебди во Јужен Атлантик се распадна на неколку парчиња околу три и пол години по формирањето, објави Европската вселенска агенција (ЕСА), која го следи движењето на гигантот со помош на сателити.
Глечерот беше на пат кон оддалечениот остров Јужна Џорџија, до кој глечер наречен А-68А се приближи минатата година, претставувајќи закана за екосистемот на британската прекуморска територија, се вели во соопштението на ЕСА во средата.
А-68А веќе го смени правецот и изгуби повеќе делови во декември, но не беше јасно каде ќе заврши. Според ЕСА, минатата недела беа откриени нови големи пукнатини на глечерот, а потоа се распадна во „мали глечери“.
„Главниот глечер А-68А се чини дека се движи на југ и во моментов е на околу 225 километри од островот Јужна Џорџија“, се вели во соопштението, додавајќи дека помалите глечери се чини дека се оддалечуваат од главниот и се оддалечуваат и едни од други.
Приближувањето на глечерот до тој оддалечен остров предизвика стравувања дека може да заглави на крајбрежјето и дека неговата ладна свежа вода може да влијае на кревкиот екосистем на островот. Научниците беа особено загрижени за судбината на пингвините на островот.
Глечерот се оддели од ледената плоча Ларсен-Ц на источниот брег на Антарктичкиот полуостров во јули 2017 година. Се сметаше за еден од најголемите познати глечери во поновата историја пред да изгуби неколку свои делови во последниве години. А.Р.