Епизиотомија е хируршки начин за заштита на мегичката (ткивото помеѓу вагината и аналниот отвор) од неконтролирано пукање. Бабицата која ве пораѓа во моментот на притискање на главата на ткивото на мегичката проценува дали ќе успее да ја заштити или не. Ако процени дека нема да успее, тогаш прави епизиотомија. Резот на кожата и на поткожното ткиво се прави во должина од неколку сантиметри, косо кон надвор. По породувањето, кога ќе се извади и постелката, се прави преглед на грлото на матката, вагината, мегичката и се врши епизиотомија.
Прашања кои што најчесто си ги поставува родилката во тие моменти се дали ќе добие анестезија при правење на епизиотомија? Одговорот е не, бидејќи налегнувањето на главчето врз делот од ткивото на мегичката при излегувањето на детето, врши силен притисок на нервните завршетоци во мегичката, така што моментот на правење на засекот нема да се почувствува во однос на излегувањето на главчето на бебето.
Исто така треба да се знае дека епизиотомијата се шие со конци кои спонтано се ресорбираат по десетина дена. Ако неколку дена по породувањето се појави конец во вагината, не плашете се, тоа значи дека конецот полека попушта и се реабсопрбира. Нормално е по два дена конецот да попушти, делумно поради тоа што се намалува отокот на ткивото во тој регион, а делумно поради попуштање на затегнувачката сила на конецот. Дури и минималното одвојување на ивиците на епизиотомијата не е причина за страв.
Меѓутоа, ако се појави крвавење, поголем оток, болка или ивицата на епизиотомијата се отвори повеќе од еден сантиметар, потребно е да се јавите на лекар. На раната од епизиотомијата & се потребни седум до десет дена да зарасне. За тоа време чувствувате блага болка на тоа место. Веднаш по породувањето најдобро е да се одморите и да не станувате од креветот барем два часа – раната ќе почне да зараснува по околу осум часа.
Во текот на првите две недели најдобро би било исклучиво да лежите: да не седите и што помалку да се движите, дури и ако се чувствувате добро. За време на тие први две недели никако не дигајте нешто тешко (постарото дете), ниту правете некои работи кои заморуваат.
Најдобар начин за нега на раната од епизиотомијата е сушењето. Значи, никако не облекувајте гаќи (ако тоа ви е неопходно, тогаш навлечете за тоа специјални, мрежести гаќи), а вагината и раната држете ги што повеќе изложени на воздух. Додека лежите, под себе ставете подлога за да ја впива крвта, а не употребувајте влошки. Натопената влошка ни случајно не треба да стои на раната. Раната од епизиотомијата плакнете ја со три постотен хидроген, а потоа и со јод.
Во текот на првите две недели избегнувајте да користите било какви козметички препарати во пределот на вагината и препоните, а капењето во топла купка оставете го за подоцна. Корисен совет е и што почесто да правите вежби за мегичката: стегање и опуштање на мускулите како при мокрењето.
Подготвила: С.Н.