Со падот на температурите, најголемиот дел од домаќинствата повторно ги вклучија грејните тела. Но многумина и понатаму не знаат што, всушност, значат бројките на термостатските вентили на радијаторите. Малото тркалце од страна, кое редовно го вртиме „од око“, има голема улога во тоа колку топлина трошите – и колку пари можете да заштедите.
Стручњакот за греење Роб Незард, директор на UKRadiators.com, објаснува дека термостатските радијаторски вентили (TRV) автоматски ја регулираат температурата во просторијата така што го контролираат протокот на топла вода низ радијаторот. Кога просторијата ќе ја достигне саканата температура, вентилот го затвора протокот и спречува прегревање. Кога ќе се олади – повторно го отвора.
Незард вели дека TRV вентилите користат паметни механизми со течност или восок, кои реагираат на топлина. Тоа им овозможува сами да го прекинат или отворат протокот на вода, одржувајќи стабилна температура без непотребно трошење енергија.
На повеќето радијатори броевите се движат од 0 до 5 или 6, а има и симбол ✱ кој означува заштита од замрзнување. Еве што претставува секоја поставка:
0 – радијаторот е исклучен
✱ – околу 5°C, само за да не замрзне системот
1 – приближно 12°C
2 – околу 16°C
3 – околу 20°C, стандардна собна температура
4 – околу 24°C
5 – околу 28°C
6 – над 30°C
Според Незард, помалите простории обично бараат поставка меѓу 2 и 3, додека поголемите соби се загреваат подобро со вредности меѓу 3 и 4. Тој предупредува да не се поставува вентилот на највисокото ниво, бидејќи тоа може да ја подигне температурата до 30°C – сосема непотребно и многу скапо.
Ако го напуштате домот неколку дена, најдобро е вентилот да го оставите на симболот ✱. На овој начин системот автоматски ќе се активира само ако температурата падне под околу 7°C, што спречува пукање на цевките поради замрзнување.
Правилната употреба на овие вентили може да донесе заштеда од 60 до 200 евра годишно, во зависност од големината и изолацијата на домот.
„Викторијанска метода“ за дополнителна топлина
Освен подесувањето на термостатот, експертите од Plumbworld препорачуваат и еден стар, но исклучително ефикасен трик – т.н. „викторијанска метода“. Сè што е потребно се тешки завеси што ќе ги поставите зад влезната врата или над вратите кои пропуштаат ладен воздух, заедно со лента против промаја на подот.
Овој метод, стар повеќе од еден век, и денес дава одлични резултати: тешките завеси можат да го намалат губитокот на топлина од прозорците и вратите за 30 до 40 проценти, што ја подига температурата во собата за дополнителни 1 до 2 степени – без никакви уреди или скапи интервенции. Најдобро од сè – совршено е решение и за подстанари, затоа што не бара никакви трајни измени во просторот.
Според експертите, правилното користење на TRV вентилите, во комбинација со оваа едноставна но проверена метода, може значително да го намали трошокот за греење и да го направи домот потопол и поудобен за време на студените месеци.
Ф.С.

