Пишува: Теодора Новеска
„Забрането фрлање на земја, шут и ѓубре“ – вака вели знакот поставен покрај боровата шума близу црквата Св. Недела во Штип, за штипјани позната како „Мирјанина црква“. Околу знакот иронично ситуацијата е поинаква. Најлони полни со ѓубре, пластични шишиња, стари искористени цигли. Местото како да е „рај“ за несовесните граѓани кои сакаат да се ослободат од непотребните работи од својот дом. Покрај ваквото ѓубре, наоколу има расфрлано и дузина ресторански кутии за носење храна.
Оваа борова шума засадена пред околу пет децении на патот кон селото Шашаварлија и во близина на „Мирјанина црква“, се почесто во последните години станува дива депонија. Во време на епидемија и бегство кон природата и во недостиг на паркови и зеленило во градската средина, многу штипјани слободното време го користат да прошетаат наоколу. Меѓутоа ситуацијата на лице место и не е нешто што сакате да го видите кога треба да избегате од градското сивило.
Дека проблемот не е нов, потврдуваат и од Јавното претпријатие Исар, но и од Општина Штип.
Упатените од невладиниот сектор со години апелираат дека животната средина е вредна за грижа во секоја населба. Претседателката на еколошкото друштво, Јадранка Калајџиска, вели дека ситуацијата кај „Мирјанина црква“ значително се разликува од населбата со која се граничи – Леваците.
-Сите населби се рамноправни. На еден чекор од Мирјанината црква во Леваците се грижат и го фрлаат ѓубрето, а тука се создаваат диви депонии. Населбите треба да имаат исти план, сите луѓе плаќаат исто и вода и комуналии. Местото ќе се расчисти еднаш, но потоа станува депонија повторно – вели Калајџиска.
Од јавното претпријатие кое е задолжено за чистотата во градот, велат дека таму често се создаваат диви депонии кои тие ги чистат, но сега има премногу ѓубре за да го исчистат, па сметаат дека комуналната инспекција треба да врши поголеми инспекции на терен.
-Тие трактори што фрлаат отпад, градежен шут, треба да се знаат колку се. Колку трактори има во градот, сигурно пет-шест се, се знаат кои се, не може од кола да се извади толку отпад. Ваквите работи треба да се фрлаат на депонијата за градежен шут, а ЈП Исар не асистира таму, тоа е надлежност на општината – вели Љупчо Панајотов од секторот за управување со отпад при ЈП ИСАР.
Тој ситуацијата ја припишува на немањето комунални редари, бидејќи конкретно кај „Мирјанина црква“ често се прават акции за прибирање отпад, но ситуацијата по три-четири месеци се враќа во првобитна состојба. Комуналното претпријатие, вели Панајотов, само собира ѓубре, но не може да казнува.
Акции за расчистување околу „Мирјанина црква“ навистина има често. Се чисти и политички, де едните, де другите, но долготрајно решение за ова ѓубриште се уште нема.
Општината има оператор што ја одржува депонијата за градежен шут „Крстот“, а за сите останати места со ѓубришта праќаат барања до јавните претпријатија, кои немаат обврска, но им прават услуга.
-Во случаи кога има дојава за некакво ѓубриште или депонија на терен, општината праќа комунален инспектор кој констатира состојба на терен, кој потоа побарува од ЈП за сметка на општината да го исчисти, а претпријатието потоа праќа фактура за извршената работа – вели Соња Китанова од Општина Штип.
Градот согласно последниот попис во 2002 година, заедно со Ново Село, имал 43.625 жители, а има само еден комунален инспектор на терен.
Во време на епидемија со коронавирус, кога луѓето се повеќе ориентирани кон прошетки, а помалку кон посета на угостителски објекти, ако не се отиде „Мирјанина црква“ Штип освен патеката покрај река Брегалница, нема многу што да понуди.
Во централното градско подрачје, долж коритото на реката Отиња, на местото каде што Штипјани често шетаа со своите миленици, годинава спроти Здравствениот дом, никна уште една паркинг платформа. Со оваа најнова платформа, се дислоцира пешачкиот мост кој беше поставен во коритото на реката, а се уништи и дел од зеленилото.
Вакви платформи за паркирање долж Отиња има уште две. Едната е спроти штипскиот трговски центар, а другата во централното градско подрачје, веднаш до плоштадот.
Општина Штип за последната паркинг платформа која се изгради за време на епидемија, немаше јавна расправа, бидејќи одобрението за градба на сите парцели било дадено уште во 2010 година. Бидејќи одобрението за градење е од 2010 година, сега не е организирана јавна расправа за изградба на назначената платформа. Изградено е одобрение за градба на сите парцели со бр10/10-105 од 2010 година.
Штипјани своето незадоволство од последната паркинг платформа го изразија преку мирен протест. Како што истакнаа тогаш, граѓаните не се против изградбата на платформа, туку против местото на кое се гради. Според нив конкретно тој простор е најубавото уредено шеталиште по течението на реката и треба да се зачува како такво.
На интернет се појави и петиција со барање за стопирање на изградбата, која ја потпишаа околу 1000 лица.
Делот на коритото на река Отиња каде е планирано изградба на паркинг е можеби единствениот дел каде има доволно отворен простор за шетање и рекреација. Со изградба на овој паркинг ќе се задуши просторот, ќе се ограничи пристапот до речното корито кое многу од граѓаните го користат за рекреација. Од естетска гледна точка, ќе се нагрди градот и централното градско подрачје кое и така не изобилова со доволно зелени површини. Овој простор им значи многу на луѓето кои рекреираат, луѓето со домашни миленици, луѓето кои живеат во тој дел од градот и истиот го користат секојдневно, се вели во петицијата.
И покрај протестот и петицијата, паркинг платформата беше изградена и е речиси спремна за употреба. Штипјани сега мора да најдат алтернативи за шетање и рекреирање.
******
Сторијата е изработена во рамки на проектот „Архус за новинари“спроведуван од Здружение на Новинари за човекови права, (НЧП) Скопје, во подгрантовата шема на проектот „Градење на капацитетите на граѓанските организации за животна средина за зголемување на демократските процеси во Македонија“, спроведуван од Здружение за одржлив развој – Милиеуконтакт Македонија и Здружение на инженери за животна средина – Развојна Програма, Реф.бр: Europe Aid/155322/DD/ACT/MK.