Земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала ги потресе Тајланд и соседниот Мјанмар во петокот напладне, предизвикувајќи уривање на висококатница во изградба во Бангкок и принудувајќи стотици илјади да се евакуираат од своите домови и работни места. Попладневниот потрес беше проследен со силен последователен потрес со јачина од 6,4 степени. Двете земји прогласија вонредна состојба додека трае потрагата по преживеани под урнатините на зградите.
Најмалку три лица загинаа откако делумно се урна џамија во Мјанмар, според очевидци. Според Геолошкиот институт на Соединетите Американски Држави (USGS), епицентарот бил на околу 17,2 километри од градот Мандалеј, кој има околу 1,2 милиони жители.
Дванаесет минути по првиот земјотрес, втор силен земјотрес со јачина од 6,4 степени ја погоди областа. Воената хунта во Мјанмар прогласи вонредна состојба во поголемиот дел од централниот дел на земјата, вклучувајќи го и вториот по големина град Мандалај и изолираниот главен град Најпјидау, кој го изгради војската, јави „Радио Слободна Европа“.
Вонредна состојба е прогласена во регионите Сагаинг, Мандалај, Баго и Магвеј, како и во источната држава Шан. Вклучен е и главниот град Најпидау, каде што се наоѓа највисокото воено раководство на хунтата. Големи делови од Мјанмар остануваат надвор од контролата на хунтата, која се бори со етничките бунтовнички групи и продемократските сили од воениот удар во 2021 година. Тајландскиот премиер прогласи вонредна состојба поради земјотресот. Во објава на платформата X, Паетонгтарн Шинаватра најави воведување на систем за предупредување за мобилни телефони.
Облакодер во изградба во Бангкок, главниот град на Тајланд, се урна по земјотресот во соседен Мјанмар. Како што објави АП, на социјалните мрежи кружи драматично видео на кое се гледа висока зграда со градежен кран на врвот како се урива во облак од прашина. Службите за итни случаи известија дека 50 лица се наоѓаат во зградата што се урна во паркот Чатучак во Бангкок. Националниот институт за итна медицина соопшти дека 43 лица се заробени во зградата, додека други седум се повредени. Стотици луѓе во Бангкок во паника излегоа од зградите откако почувствуваа дека земјата се тресе.
Силниот земјотрес во Мјанмар предизвика штета на многу високи згради во Бангкок, изјави градоначалникот Чадчарт Ситипунт. Се урна и мост што ги поврзува регионите Ава и Сагаинг во Мјанмар. На снимката се гледа како делови од Стариот мост во Сагаинг паѓаат во реката Иравади, која тече од север кон југ на земјата.
Кинескиот сеизмолошки истражувачки центар објави дека потреси биле почувствувани и во провинцијата Јунан. Индија е подготвена да испрати помош во Мјанмар, изјави индискиот премиер Нарендра Моди. Моди на платформата X напиша: „Загрижен сум за ситуацијата по земјотресите во Мјанмар и Тајланд. Индија е подготвена да ја понуди сета можна помош.“

