Пишува: Наташа Доковска
Не затоа што улиците се празни,
туку затоа што едно срце што со децении чукаше за луѓето – престана да чука.
Си замина чичко Драги од Рекорд.
Човекот што не беше само продавач на шноли, ластичиња, стегачи и ланчиња…
туку продавач на добрина, човечност и топлина.
Нема скопјанец што барем еднаш не поминал покрај неговата тезга.
Нема дете што не добило нешто повеќе од тоа што го платило.
Купуваш едно, а чичко Драги ќе ти стави уште две-три во џеб –
не затоа што мора, туку затоа што така му беше душата.
Околу него – кучиња.
Верни, мирни, како да знаеја дека покрај него се безбедни.
Животните секогаш ги препознаваат добрите луѓе.
А чичко Драги беше еден од најдобрите што овој град ги имал.
На неговото лице се гледаа годините, грижите и товарот што го носеше.
Но во неговото однесување – никогаш немаше горчина.
Само култура, насмевка и тивка добрина.
Колку имаше за себе,
толку имаше и за другите.
И за луѓето,
и за кучињата,
и за гулабите што слетуваа околу неговата тезга.
Многу генерации пораснаа со светкавите ланчиња што ги фаќаа сончевите зраци во пролазот на Рекорд.
Многу деца се подигнуваа на прсти за да видат што продава чичко Драги.
Многу луѓе поминуваа само за да му кажат „здраво“.
Тој беше дел од душата на градот.
Јас не живеев во Центар.
Учев во Јосип Броз.
И, секое утро и секој ден мојата рута водеше преку Рекорд, каде што го чекав автобусот за/од училиште.
И таму секогаш беше чичко Драги.
Со неговата мала тезга, со ланчињата што светкаа на сонце, со шнолите, ластичињата, стегачите…
И со кучињата околу него, како да му беа најверни чувари.
Со тек на време, чекањето автобус стана само изговор.
Вистинската причина беше муабетот со чичко Драги.
Тој знаеше сè за нас.
Беше меѓу првите што ќе праша:
„Какви оценки зема денес?“
„Да не те прашале на училиште?“
„Ајде кажи, има ли некоја симпатија?“
И секогаш го кажуваше тоа со таа негова тивка насмевка и добрина.
За него, луѓето никогаш не беа само муштерии.
Бевме деца од маало, деца на градот.
Годините поминуваа,
ние растевме,
а чичко Драги секогаш беше таму.
Истото место.
Истата добрина.
Истата душа.
Животот му стави тежок товар на плеќите – тоа се гледаше на лицето.
Но никогаш не се виде во неговото срце.
Таму имаше место за сите:
за луѓето,
за кучињата,
за гулабите,
за секој што ќе застанеше на две минути муабет.
Затоа денес Рекорд нема да биде ист.
Нема да биде само едно место помеѓу улиците.
Ќе биде место каде што некогаш стоеше чичко Драги.
Човек што не беше само продавач.
Беше дел од нашите секојдневни рутини.
Дел од нашите разговори.
Дел од нашето растење.
Чичко Драги беше урбана легенда,
но за нас беше многу повеќе од тоа.
Почивај во мир, чичко Драги.
Рекорд никогаш нема да биде ист без тебе.
А ние што чекавме автобус таму –
секогаш ќе се сеќаваме дека дел од нашето детство стоеше зад една мала тезга со светкави ланчиња.
Скопје беше посреќно што те имаше.

