вторник, јуни 18, 2024
домаЖивотСо деца на зимување

Со деца на зимување

И ако на лето сите ги бараме костимите за капење и гумите за пливање, кога се подготвуваме за на планина, тогаш истите траат подолго и во куферите треба топла облека, скии, санки...Сепак, родителите најчесто се во недоумица дали да појдат на планина со мали деца. НАШЕ БЕБЕ ќе се обиде со следниов текст да ви одговори на поголем дел од прашањата

Нема ништо поздраво од тоа да го прошетате бебето на чист воздух кога надвор е убаво и сончево и покрај тоа што температурите се зимски (секако очите и лицето заштитете ги од сонце со очила и крема со висок заштитен фактор, бидејќи сончевите зраци во зима знаат да бидат многу силни). Што значи дека  ако ги направите неопходните подготовки и дете со наполнети два месеци може да замине на зимување.

Подготовки за патувањето

Доколку се одлучите да отпатувате на зимски одмор со вашето бебе, секако тоа не треба да биде неговото прво излегување од дома. По доаѓањето од болница вадете го детето надвор постепено, по десетина минути на ден. Секојдневно времетраењето што треба детето да го помине надвор се зголемува, но внимавајте да не е подолго од два часа. Самите следете ги надворешните услови и одлучете дали ќе излезете и колку, не потпирајте се на тоа кој ден од годината е.

 Превозно средство

Ако, пак, се одлучите да замине на зимување, се препорачува да отпатувате со превозно средство кое што е убаво затоплено (но, тоа да не биде голем автобус). Патувањето со сопствен автомобил или воз не се препорачува, бидејќи во зимски услови се можни застои на патот поради големи врнежи на снег или пак голомразица, која што би можела подолг период да го стопира одвивањето на сообраќајот. Авио-сообраќајот е лош во зимски услови, бидејќи маглата може да биде еден од факторите кои што би предизвикале затворање на аеродромот. Проблемот би настанал доколку аеродромот се затвори токму кога треба да се вратите од зимување, чекањето по аеродроми со мало дете ниту малку не е пријатно. Затоа, ако се одлучите да одите на зимување со вашето малечко, тоа нека биде некоја блиска дестинација, и секако дозволете си да не го прецизирате датумот, туку тој да може да се договори во однос на условите на патот.

Исхрана на планина

Во предност се оние кои што имаат сопствено сместување, и кои што имаат можност да одат кога сакаат. Бебињата кои што се на природна исхрана немаат проблем доколку одморот треба да се продолжи, тука е секогаш мајчиното млеко.

Кога станува збор за вештачко млеко, задолжително со себе земете и повеќе кашички. Секако за по пат мора при рака да ви се наоѓаат влажни шамивчиња и пелени.

Зимувањето со мало бебе не е без ризик. Ако немате доволно искуство, храброст како и педијатар во местото каде што патувате, можеби е најдобро првиот одмор на бебето да го одложите за периодот мај-јуни. Дотогаш искористете ги сите убави денови за прошетка, подготвени за најлошото сценарио. Тоа значи, пред да појдете мора да подготвите неколку шишенца со подготвена вода за приготвување на млеко. И во случај на застој во сообраќајот да не остане доенчето без потребниот оброк.

Сепак, доколку заминете на зимување, не ги заборавајте скиите, санките и препуштете им се на зимските лудории. Не плашете се за тоа дали децата ќе сакаат да си играат со снегот, да се санкаат или скијаат…Во секој зимски туристички центар има училиште за скијање, па препуштете им го тоа на тренерот за скијање кој верувајте дека од децата ќе направат вистински зависници од снегот…

За тоа како изгледаат првите чекори на скии и сноуборд, кога треба да се почне, која опрема да се користи, прочитајте во наредниве неколку редови и запознајте се со возбудливите зимски спортови за деца.

Првите чекори на скии

Најмалите деца со првите часови по скијање почнуваат од три години. Тоа најчесто се деца на спортисти и вљубеници во овој спорт. На таа возраст, децата само се обидуваат да скијаат, да го засакаат спуштањето по снежните падини, да ги направат првите скијачки чекори. Кога ќе наполнат пет години, малите скијачи брзо напредуваат со учењето. На таа возраст веќе можат да поминат на скијачка патека и неколку часови. За децата од седум години учењето на овој спорт веќе не претставува никаков проблем, и тоа е всушност идеалното време кога треба да се започне со изучување. Секако, децата треба да им ги доверите на стручни лица, инструктори.

Ски – школите имаат посебен систем за работа, програма која што е приспособена на психичкиот и физичкиот развој на детето. Детето може да ја следи обуката индивидуално, или пак во групи од најмногу осум деца кои заедно вежбаат и ја следат програмата. Детето на почеток останува само еден час на скијање, а потоа тој период се зголемува во зависност од возраста на детето.

Ако децата се помали од пет години често пати се користат ремени кои што им се врзуваат на децата околу половината и ногата, а со чија помош инструкторот може да го контролира движењето на детето. Најнапред се учи возењето право, потоа клекнување на скии, одење, облекување и соблекување на скиите. Децата тешко се навикнуваат на должината на скиите, па затоа се почнува со помали скии.

Никако не треба учењето да биде на ски-патека каде што има метеж. До седум години не се користат стапови. Колку се децата помали, толку повеќе учат гледајќи и повторувајќи ги движењата на инструкторот, додека усните објаснувања се користат кај деца со поголема возраст.

Должината на останување на снег

Повеќето семејства на зимување остануваат седум до четиринаесет дена, што е малку време скијањето целосно да се совлада. Затоа детето треба да се подготви за на ски-патеката, за да не се губи време, но и да се избегне воспалување на мускулите. Препорачливо е еден месец пред да заминете на скијање детето да вежба дома, и тоа четири пати неделно по петнаесет минути раздвижување, клекнување, потскокнување и сите оние други основни вежби за загревање на мускулите. Во ски- школите децата се делат во групи, и тоа почетна, напредна (група во која најдолго се останува), потоа група која е составена од деца кои што веќе знаат паралелно скијање, и така се редат групите се до онаа во која се наоѓаат децата натпреварувачи. Далечината од една до друга зима си го прави своето, па на почеток повеќето деца забораваат што научиле. Затоа треба да бидете трпеливи и да им дадете можност од неколку дена да се потсетат на наученото.

Инструкторите многу често имаат проблем со родителите кои што се постојано на ски-патеката до своите деца и ги храбрат додека скијаат или пак уплашено трчаат кога ќе паднат при совладувањето на овие за нив нови предизвици. Оние деца чии што родители се постојано до нив најчесто и се откажуваат од овој убав спорт.

Паралелни спортови

Што со талентираните деца? Сите инструктори во ски-школите го следат напредувањето на децата, па кога ќе увидат дека детето е талентирано ги известуваат родителите. Најдобар период за скијање е февруари, бидејќи денот е подолг, па може да се остане и час-два подолго на снегот. Ако детето се занимава со скијање, не се препорачува во исто време да учи балет или пливање, туку е подобро да одбере атлетика, гимнастика, или некоја боречка дисциплина. Тоа секако не значи дека детето не треба да плива, но тоа не е спорт кој што се препорачува со скијањето. Овие спортови не си одговараат меѓусебно, бидејќи се развиваат други мускули, односно со скијањето се зајакнуваат рамениците, рацете, стомачните мускули и најмногу мускулите на натколеницата.

Задолжителна опрема

Од опрема задолжително треба да имате одело за скијање – и тоа најдобро да биде едноделно, (што не пропушта вода), потоа ракавици, шал, кацига (инструкторите  препорачуваат да се носи наместо капа), задолжителните очила кои што ќе го штитат детето како од студот така и од прекрасната снежна белина, која што може да го оштети видот, ски- кондури кои е дозволено да се за половина број поголеми од обувките кои ги носи детето секојдневно. За крај ги оставаме скиите и везовите. Не се препорачуваат пластични скии со метални резови на долната страна, тие се добри за качување но, не и за симнување. Марката на скиите не е важна. Важно е да имаат метален дел на долната страна и да бидат на висина меѓу брадата и носето на детето. Овие се користат обично две сезони за разлика од ски-чевлите кои што обично се купуваат секоја година.

Поради растењето на децата и високата цена на опремата за скијање, инструкторите препорачуваат на почеток на учењето да не се купува скапа опрема, туку може и користена, но секако добро сочувана.

Auron (06) Alpes Maritimes

 Сноуборд за деца

Многумина мислат дека сноубордот личи на скијање, но оние што навистина го практикуваат овој спорт не мислат така. Староста на детето за започнување со овој спорт е осум години. Доколку детето е помало ќе му биде тешко, бидејќи се уште на таа возраст не е дефинирана приоритетната страна на телото, поточно не се знае дали детето е левучар. Во овој спорт најмногу се оптоваруваат мускулите на потколеницата, кои што покасно се развиваат. Затоа покрај тоа што детето не се снаоѓа добро, може да дојде и до сериозни повреди.

Сноубордот е спорт кој што и младите и постарите го учат многу побрзо во однос на скијањето. Во секој случај тоа е прекрасен, забавен спорт за помалку средени терени. Спорт кој што и оние најмалите можат да го научат за два-три дена, и секако одличен спорт за родителите кои што никогаш не скијале. Тоа што ви треба за сноубордот е даската и специјалните везови, а кондурите во однос на оние за скијање се многу помеки. Оделото е исто како и за скијање, треба да не пропушта вода и да е топло.

Најважно за двата спорта е инструкторот на кого што ќе му го доверите учењето на вашето дете да има лиценца за таа работа. Не дозволувајте самоуки инструктори, или пак вие самите да го учите детето. Доколку забележите дека детето се плаши, не го форсирајте, оставете тоа самото да се ослободи од стравот и да го засака спортот. На почеток нека не се спушта по патеки каде што има метеж и каде што може да биде турнато од друг скијач. Користете ги само оние ски- лифтови од кои детето без страв самото ќе се пушти.

Внимавајте, бидејќи најголемиот број на повреди при скијање, дури и скршеници, настануваат поради судирање на ски-патека.

Кои лекови треба да ги земете на зимување?

На секое патување, а особено кога се оди на зимување, мора со себе да се земат основните лекарства. Први на листот секако се лековите за намалување на телесната температура, и тоа во облик на сируп, но и како супозитории (чепчиња).

Треба со себе да имате некои лекови против алергија, антихистаминик, и тоа во облик на сируп. Антихистаминските кремови не се препорачуваат. Капките за нос за деца земете ги со себе, а тука нека биде и некој антибиотски сируп со широк спектар.

Сето ова нема да ви заземе многу простор, а може да ви биде од голема помош, особено ако се има предвид дека доколку сте на планина не е секогаш лесно да се дојде до соодветен лек. Пред поаѓање треба да се посоветувате со вашиот педијатар за начинот на употреба на лековите кои што ќе ги понесете со себе. Секако, антибиотикот што ќе го земете не смеете само-иницијативно да го дадете, но многу ќе му помогнете на докторот што ќе го прегледа детето. Сирупот носете го растворен и доколку вашето дете веќе го пиело антибиотикот ќе бидете сигурни дека нема да направи алергиска реакција.

С. Н.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ