Со премиерната проекција на црногорскиот игран филм „Планета 7693“ во режија на Гојко Беркуљан, копродукција со Македонија и Србија, ќе се отвори јубилејното 20-то издание на „Кидс фест“ во Белград. Фестивалот ќе се одржи во периодот од 12-ти до 20-ти октомври во Белград, Нови Сад, Крагуевац и Ниш.
„Планета 7693“, семејна авантура со sci-fi елементи, го следи деветгодишниот Лука кој живее со родителите и поголемата сестра во живописно соседство во предградието. По еден настан во неговото навидум хармонично семејство, недоразбирањата насобрани низ годините излегуваат на површина и предизвикуваат низа конфликти. Ткивото на семејството се кине. Лука бара начин како да ги поправи нарушените односи, повлекувајќи се во светот на „супер моќите“ и фантазијата каде го запознава мистериозното девојче по име „7693“.
Главните улоги ги толкуваат Илија Пејаковиќ, Андрија Кузмановиќ, Кристина Обрадовиќ, Хана Иванишевиќ и Мара Ракчевиќ, оригиналното сценарио е на Ана Вујадиновиќ Томиќ, како кинематографер се потпишува Александар Јакониќ, композитори се Петар Вагнер и Лука Јовановиќ, дизајнер на звук е Милош Дрндаревиќ, сценограф е Тамара Тричковиќ, костимограф – Лина Лековиќ, а монтажата е на Владимир Павловски. Продуцент на филмот е Марко Јаќимовиќ, а копродуценти се Томи Салковски и Ивица Видановиќ.
„Планета 7693“ е копродукција помеѓу Гигглинг Гоат Продукција од Црна Гора, СиннеРент Продукција од Србија и Скопје Филм Студио. Филмот е поддржан од страна на: Агенцијата за филм на Северна Македонија , Филмскиот центар на Црна Гора, Министерството за култура и медиуми на Црна Гора, Филмскиот центар на Србија како и од SEE Cinema Network.
Кино-премиерата на филмот во Црна Гора и Србија е најавена за овој месец, а во исто време почнува и кино-дистрибуцијата во регионот. „Планета 7693“ наскоро ќе биде достапен и на редовниот репертоар во македонските кина.