сабота, декември 21, 2024
домаЖивотЗдравјеСредношколците од Струмица и Велес дискутираа на тема органодонорство

Средношколците од Струмица и Велес дискутираа на тема органодонорство

Донирањето на органи е највисок чин на хуманост, љубов и емпатија

Во просториите на „Еurope House“, во Струмица и во Велес, вчера и денес се одржа дебата со претставници од средните училишта на тема органодонорство, како дел од активностите на ЕУ проектот за подигнување на јавната свест за органодонорството и трансплантацијата во земјава. Целта на средбите беше да се укаже на важноста на трансплантацијата, не само како медицинска дејност, туку и од аспект на хуманост, љубов, емпатија, надеж.

На дебатите покрај ученици од гимназијата „Димитар Влахов“ од Струмица и учениците од средните училишта „Кочо Рацин“, „Димитрија Чуповски“, „Јовче Тесличков“ и „Коле Неделковски“, од Велес, присуствуваа и Националниот координатор за трансплантација на органи и ткива, д-р Маја Мојсова Мијовска, заменик националниот координатор д-р Билјана Андоновска и Адријана Георгиев, Раководителка на Програмата за трансплантација на органи и ткива при Министерството за здравство.

– Вие, младите, сте идната сила на ова општество и токму со вас е важно да се разговара за овие сегменти од живеењето. Одлуките кои се носат, навистина не се лесни, но, треба да сме информирани. Донорите, семејствата на донорите, со своите одлуки, носат една нова надеж, поинаква човечка димензија на дарувањето. Тоа е начинот да покажеме и една друга перспектива, наспрема свртеноста кон себе си и индивидуализираноста. Сакаме на младите да им ја пренесеме пораката дека не постојат табу теми и теми за кои се плашиме да зборуваме. Неопходен ни е разговор дури и на тие теми и мораме притоа да градиме ставови. Некогаш животот нѐ носи во ситуации кога ни е потребно да се донесат важни одлуки. Органодарувањето е една од тие одлуки – вели др Мојсова.

Дарителите на органи се херои, и семејни, но и општествени. Спасуваат животи, менуваат приказни, дел се од највисоките хумани чинови за кои знае човештвото. Нив и на нивните семејства им се поклониваме, објаснува др Мојсова.

– Трансплантација е медицински процес, но во исто време е и еден општествен процес кој отвара прашања како што се хуманоста, емпатијата и љубовта. Семејствата кои носат одлука да ги донираат органите од своите блиски, чувствуваат некаква утеха во тоа дека дел од нивните блиски продолжуваат на некој начин да живеат и во исто време ја менуваат животната приказна на други луѓе, кои не ги ни познаваат, а ете им подаруваат живот. Тоа е врвен знак на хуманост, емпатија, на љубов. Грижа за другиот, што само по себе, е и значењето на животот, сподели Георгиев.

На средбата се отворија и прашања за начините на кои се станува донор, за етичките принципи на органодарувањето, за возрасната граница на донорите и реципиентите, за заштитата на личните податоци, и уште многу други поттеми.

Заменик националниот координатор д-р Билјана Андоновска ги објасни начините на станување дарител на органи, и укажа на важноста од разговорите и дискусиите на оваа тема, кои потоа резултираат со зголемена согласност. Македонија, вели, е на мапата на земјите во подем на органодарители.

– Додека во короната секаде паѓаше бројот на органодарители, во нашата земја тој број имаше пик. Како земја, имаме принцип на претпоставена согласност за органодарување, но, секогаш последниот збор го има семејството. Неговата согласност ни е најважна, вели таа.

Еден донор може да спаси осум животи, а во поглед на трансплантација на ткива може да биде подобрен животот и на стотина други пациенти.
– Органодарителите се често луѓе кои и цел живот помагале на други, и тоа го прават после смртта.
Семејствата често носат одлуки врз основа на тоа какви луѓе сме биле додека сме живееле. Со трансплантацијата се дава, се продолжува живот, но, и го подобруваме квалитет на животот, нагласи Андоновска.

Исто како што беше неодамна во Скопје, и во овие градови младите изразија голема заинтересираност и отвореност да разговараат на една тема која е олицетворение на тенката линија помеѓу животот и смртта. Поставуваа прашања, споделуваа ставови, поттикнуваа дискусија.

Учениците имаа можност да погледнат и кусо документарно видео со фокус на органодонорството и трансплантацијата, но, и да дадат свој фидбек за пристигнати решенија на Повикот за визуелни дела за средношколци и професионални дизајнери на тема органодонорство, чии победници ќе се соопштат наскоро.

– Фасцинирана сум од сѐ што слушнав. Темата е мрачна, но, многу ме допре. Верувам дека ваквите средби придонесуваат да научиме многу повеќе за процесите, но, и за човечноста, за надежта, за љубовта, изјави една од ученичките.

Настанот е дел од проектот „Поддршка на системот за трансплантација“, финансиран од ЕУ во кој Министерството за здравство е краен корисник. Модератор на настанот беше Небојша Илијевски, проектен консултант за комуникации.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ