Девет дена откако почна потрагата по двегодишното девојче Данка Илиќ кое последен пат е видено на 26 март во Бањско Поље кај Бор, претседателот на Србија денеска, 4 април на вонредна седница на Владата изјави дека девојчето е убиено, а две лица се уапсени.
„Припадниците на МВР по десетдневна опсежна акција, детални проверки на сите траги и информации, ги приведоа С.Ј.(1974) и Д.Д.(1974), двајцата од Бор, поради сомнение дека го убиле двегодишното девојче Данка Илиќ“, соопштија од српското МВР.
Како што пренесе Радио Слободна Европа, од МВР додаваат дека „двајцата осомничени во целост го признале извршувањето на ова кривично дело, а во тек е претрес на теренот за потрага по телото“, а дека „полицијата продолжува интензивно да работи на овој случај“.
Претходно и српскиот претседател Александар Вучиќ на вонредна седница на Владата на Србија посочи дека приведените го признале делото и дека се оди на местото каде било фрлено телото на детето.
Инаку, по исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ на 26 март некаде околу 13 часот во Бањско Поље кај Бор, во источна Србија, за прв пат се активираше системот „Најди ме“, односно Амбер алерт во Србија, кој итно ја информира јавноста за исчезнувањето на дете. Во потрагата беа вклучени и низа други земји од регионот, а потрагата ја објави и Интерпол, меѓународната полициска организација, а во земјава профилот на Данка Илиќ беше споделени на листата на исчезнати на МВР и преку системот за алармирање за исчезнати – сајтот „Најдиме.орг.мк“.