Попладнево, со почеток од 18 часот стапија на сила вонредните мерки поради високата загаденост на воздухот. Мерките се активираат по двата последователни дена во кои се надмина вредноста од 175 микрограми на метар кубен, што воедно е и прагот на алармирање, а не како што беше до сега по пет, односно десет последователни дена.
Во соопштението на Владата се вели декa според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање за PM10 (надминување на вредноста од 175 mg/m3 во текот на два последователни денови) дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели е надминат на мерните места во Скопје – Карпош и Лисиче и Тетово.
Како резултат на надминување на прагот на загадување, Владата ги активира мерките и препорачува сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
Им препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот.
Препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Воведува бесплатен јавен превоз и ги покачува цените за паркинг. Истовремено, Владата ги задолжува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила.
Од Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа бара да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници, како и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Министерството за здравство треба да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.
Државниот инспекторат за животна средина да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.
Според соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање треба да подготви и достави: Препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија. ЕЛС се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините. Истовремено, градежните компании имаат обврска да користат вода за намалување на прашината при градежни активност (прскање, миење гуми пред излез од градилиште итн.), а имаат обврска и градежните машини (багери, булдожери, виљушкари) да се пренесат до градилиштата до 7:30 часот наутро.
А.Н.