четврток, декември 19, 2024
домаПОЛИТИКАРегионСтрашно невреме ја погоди Босна и Херцеговина: Најмалку 20 загинати во поплави...

Страшно невреме ја погоди Босна и Херцеговина: Најмалку 20 загинати во поплави и лизгање на земјиштето

Владата на ФБиХ прогласи состојба на природна катастрофа на територијата на целиот ентитет

Министерот за одбрана на БиХ Зукан Хелез изјави дека добил неофицијални информации дека 20 лица загинале во поплави и лизгање на земјиште во општина Јабланица на северот на Херцеговско-неретванскиот кантон (ХНК) во Босна и Херцеговина во изјава за „Ал Џезира“, наведувајќи дека од урнатините се спасени дете и жена.

Оваа информација се уште не е официјално потврдена од МВР на ХНК. Како што дознава порталот „Klix.ba“, во акцијата за пребарување и спасување, покрај војниците на вооружените сили на Босна и Херцеговина, учествувале и британски специјалци кои биле на обука во земјата.

Порталот дознава и дека денеска ќе се одржи итна седница на Советот на министри на БиХ во врска со поплавите.

Во Јабланица е драматично, куќите се под вода, а поројната вода однесе голем број возила. Исто така, сообраќајот кон југот на Босна и Херцеговина е значително отежнат, бројни патни правци се целосно блокирани, а единствениот начин да се стигне од Сараево до Мостар е преку централна Босна.

Владата на ХНК ги предупреди граѓаните да не одат на патот кон Јабланица и Мостар.

Во селото Долна Јабланица на џамијата се гледа само минарето. Патот за Блидиње од Јабланица е целосно уништен поради катастрофалните поплави.

Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина на денешната прес конференција прогласи состојба на елементарна непогода на територијата на целиот ентитет, поради катастрофалните поплави во кои загинаа најмалку 14 лица.

Ова на вонредна прес-конференција го соопшти потпретседателот на Владата на ФБиХ и министер за развој и претприемништво Војин Мијатовиќ и додаде дека тоа е еден од трите донесени заклучоци.

„На итниот телефонски состанок на Владата на ФБиХ беа донесени три заклучоци. Федералната управа и цивилната заштита да ангажираат специјализирани тимови за спасување на вода. Донесовме одлука да прогласиме состојба на елементарна непогода на територијата на ФБиХ. Формиравме Кризен штаб со постојано заседавање кој има задача да ги координира активностите заедно со Штабот за цивилна заштита“, рече Мијатовиќ.

Тој додаде дека е донесен заклучок и е преземена иницијатива до БХ Телеком да се доделат 1,5 милиони КМ за погодените подрачја.

Претседателството на БиХ на денешната вонредна седница едногласно донесе одлука за ангажман на ресурсите на вооружените сили на Босна и Херцеговина во поширокото подрачје на општина Јабланица, која беше зафатена од катастрофални поплави, соопшти прес-службата на соопшти Претседателството.

„Итно беа ангажирани инженерски единици, единици за спасување луѓе и хеликоптер на вооружените сили на Босна и Херцеговина, со цел да се обезбеди итна помош на цивилните власти за одговор на природна катастрофа – големи поплави и лизгање на земјиштето во поширокото подрачје на општина Јабланица“, се наведува во соопштението.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ