домаПОЛИТИКАМакедонијаСтрав од народот: Зошто државата ги кочи независните листи?

Страв од народот: Зошто државата ги кочи независните листи?

Додека светот оди напред, ние сè уште тапкаме на место – со закони што го гушат народниот глас и со институции што служат на партиите, наместо на граѓаните. Последниот пример за тоа е срамното недозволување на независни листи за претстојните локални избори, чин што ја открива вистинската состојба на демократијата во земјава: заробена, контролирана и уплашена од сопствениот народ.

Револтот меѓу граѓаните е очигледен и оправдан. Оваа одлука е плескање по лицето на сите оние што веруваат дека политиката може да биде чесна, транспарентна и втемелена во реалните потреби на заедниците. Токму тие граѓани, кои со години се бореле на терен, кои не краделе, не лажеле и не ветувале празно, денес се соочуваат со институционална бариера само затоа што не припаѓаат на „партискиот картел“.

Државата, наместо да го поттикнува учеството на граѓаните, го саботира. Наместо да овозможи простор за нови, автентични гласови – ги замолчува. А токму тие независни иницијативи се единствената надеж за вистинска промена. Тие не должат на олигарси, не се водени од централни комитети, туку од совеста и потребите на граѓаните што ги познаваат – лично.

Но овој удар не ги покоси – напротив. Граѓаните веќе се самоорганизираат и подготвуваат алтернативни стратегии. Доколку правдата и демократијата не се на нивна страна, тие ќе ги побараат тие вредности преку преговори со помали, прогресивни партии кои ќе им дадат простор да настапат. И тоа е легитимен, мудар и храбар потег. Партиите што ќе им отворат врата – ќе го имаат највредното нешто во овој изборен циклус: довербата на луѓето.

Подготвени се да се борат и на повисоко ниво. Таму каде што ВМРО-ДПМНЕ нема да настапи со кандидати, независните групи се подготвени да влезат со свои градоначалнички кандидатури – со лица од народот, со програми што произлегуваат од реалноста, а не од PR агенди и анкети.

Веќе е извесно учеството на локалните избори  со  независни листи за советници и кандидати за градоначалници во Скопските општини Центар, Карпош, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Шуто Оризари, Чаир, Бутел, потоа Чучер Сандево, Сопиште, Арачиново и Илинден. Исто така во градовите низ Македонија се подготвуваат кандидати за градоначалници и советнички листи во над 40 општини а претежно ќе бидат тоа општините во кои ДПМНЕ и СДСМ нема да кандидираат свои кандидати за градоначалници како резултат од политичкиот пазар на поголемите политички партии. Општините како што се Тетово, Гостивар, Дебар, Струга, Битола, Прилеп, Струмица, Гевгелија,Штип,Куманово, Велес, Охрид, Ресен, Кичево и 30 тина помали општини се приоритет на граѓанските организации да кандидираат свои кандидати за градоначалници и советнички листи за советници.

Еден од поборниците за граѓанските независни листи, Владо Димовски, во разговор за ТЕХТ.МК вели: “Многу скоро ќе излезе повикот за пријавување на граѓански активисти за кандидати за градоначалници и кандидати за советници.”

Прашањето сега е: ќе им дозволиме ли да учествуваат, или ќе им кажеме дека оваа држава не е нивна? Ќе ги поддржиме ли независните, или ќе продолжиме да живееме во заробена демократија, каде што политиката е ексклузивен клуб за партиските елити?

Одговорот го дава улицата, а не кабинетите. Народот е буден. И овој пат нема да го сопрат ни молчеливите закони, ни партиските договори, ни селективната правда. Овој пат, независните ќе го имаат последниот збор.

 Н.Доковска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ