понеделник, декември 23, 2024
домаКУЛТУРАТеатар и ФилмСветска премиера на „Крал Лир“ инспирирана од „Света Софија“ вечерва на „Охридско...

Светска премиера на „Крал Лир“ инспирирана од „Света Софија“ вечерва на „Охридско лето“

Шекспировиот „Крал Лир“ во изведба на „Лит мун театар компани“ од Санта Барбара, создаден од уметници од Северна Македонија, Ерменија, Финска и САД, по адаптација на текст и режија на Џон Блондел,  ќе ја доживее светската премиера вечерва од 21 часот во предворјето на Света Софија, од каде ги црпи импресиите.

Режисерот Џон Блондел доаѓа петти пат на „Охридско лето“, но годинава со претстава направена специјално за фестивалот „Охридско лето“ и меѓународна актерска екипа со уметници од Финска, Велика Британија, Ерменија, САД, Македонија, беше посочено на денешната прес-конференција.

Како што појасни тој, она што ќе ја издвои оваа изведба од сите поставки на Шекспир од разни театарски компании, и бројни верзии е тоа што таа ќе потекне од Охрид, од „Света Софија“, а прашањата кои ги загатнува ќе треба да ги одгатне самата публиката. Шекспировите дела секогаш се актуелни, му пркосат на времето со своите пораки, идеи, толкувања на човечката природа, па така и „Крал Лир“ во оваа верзија специјално спремана за Охридско лето.

-Еден од големите аспекти на делата на Шекспир е што се флексибилни, еластични, и иако ја скративме претставата на 90 минути, прашањата во самата претстава се наоѓаат во секоја култура, прашањата за слепилото и визијата, стареењето, лошите избори кои носат страдање кај себе и другите…Мислам дека уникатноста на претставата е што ја работи интернационален колектив и тоа наменски за амбиентот на Света Софија – појасни режисерот Блондел.

Компанијата ја подготвуваше претставата две недели во изолација во селото Цапари, и  испреплетува приказни за две семејства. Во едното, Лир го дели своето кралство меѓу двете ќерки кои му ласкаат, а ја прогонуваат најмладата ќерка која искрено го сака. Во другата приказна, војводата од Глостер му верува на синот кој е предавник, но се сомнева во неговата лојалност. Приказните на крајот се спојуваат во една со премногу болка.

Ирвин Апел кој ја толкува главната улога, смета дека референцата на слепилото која се проблекува низ целата претстава, не само физичко туку и емотивно, е трагедијата во суштина. Како што додаде времето поминато во Цапари и запознавањето меѓу себе и синоќешната проба на самата сцена каде ќе се игра претставата се дел од материјалот на изведбата.

-По синоќешната  проба во „Света Софија“, таа црква сега е нераскинлив дел од она што го работиме. Мојот карактер во претставата честопати му се обраќа на Бога и на природата. Вчера многу анализирав, каде се наоѓам, од каде им се обраќам на боговите, рече тој.

Нина Салинен која ја игра улогата на Корделија, најмладата ќерка на Лир, се заблагодари што ја добила единствената женска улога (другите две ќерки во претставата ги играат мажи) и дека нејзината посебност произлегува од тоа што Корделија е единствениот лик во претставата што е искрена и простува.

-Процесот на работа од Санта Барбара кога ги започнавме подготовките и основите на претставата, досега многу се менуваше, но се базираше на тоа каде ќе се игра. Тоа што две седмици интензивно работевме и живеевме како семејство, во изолација, без многу контакти со надворешниот свет, за нас претставува своевидна медитација преку која можевме подлабоко да навлеземе во сржта на самата претстава…Ваквиот начин на подготовка секако ќе има ефект врз нас на ниво на потсвест. Тешко е да се анализира додека сме уште во улогата, ќе имаме подобра перспектива кога ќе направиме мала пауза – појасни таа.

Македонскиот претставник во тимот, одговорен за сценографијата и косимографијата е Благој Мицевски, кој изработи доста впечатливи костими специјално за сцената на Света Софија, посочи дека со режисерот Блодел Цапари го имале како локација за работа забележано уште поодамна, за време на Ковид дури и работеле онлајн претстави, а благодарение на многу околности како време, финансии, локација, оваа премиера да биде наменски работена за локацијата на Предворјето на Света Софија.

-Сум работел многупати во „Света Софија“, позадината на црквата е идеална сценографија за костимите што ги изработив, тие само ги надополнуват карактерите во претставата и односите меѓу нив, истакна Мицевски.

Улогите во претставата ги толкуваат Ирвин Апел, Брајан Харвел, Џејмс Мек Картим, Нина Салинен, Мајкл Бернард, Метју Тавианини, Вардан Мкрчјан, Мичел Томас и Даен Хенри. Сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, музиката е на Џејмс Конели, куклите и фотографите се на Јулија Духовни.

Основан во 1991 година, „Лит Мун тетар компани“ е колектив на театарски уметници со седиште во Санта Барбара. Неговата мисија е да понуди театарски искуства кои го прошируваат и продлабочуваат разбирањето на светскиот театар и културните традиции и промовираат и инспирираат меѓукултурно разбирање преку театарска изведба во живо. Од 1992 година, „Лит Мун“ создаде 45 нови театарски проекти, продуцира тринаесет меѓународни театарски фестивали, доби десетици награди за своите уметници.

Џон Блондел е добитник на 13 независни театарски награди а во 2003 година добитник е на награда за факултетско истражување од колеџот Вестмонд, во 2013 е именуван за учител на годината и „локален херој“за неговата „неуморна посветеност“ во меѓународната театарска заедница. До денес, Џон има режирано над 100 продукции во САД, Европа и Азија. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ