среда, мај 22, 2024
домаЖивотЖивотна срединаСветски ден на животната средина: Годинашно мото „ Да го победиме загадувањето...

Светски ден на животната средина: Годинашно мото „ Да го победиме загадувањето со пластика“

Секоја година на 5 јуни е Светски ден на животната средина, и во Македонија ќе бидат организирани низа настани оваа година под мотото „Да го победиме загадувањето со пластика“. Ова е можност за претставниците на релевантните институции и невладините организации да ги истакнат напорите што ги прават во борбата против загадувањето со пластика.

Министерството за животна средина и просторно планирање и Канцеларијата на Обединети Нации за животна средина, во соработка со Град Скопје и општините во градот, колективните постапувачи со отпад ПАКОМАК и НУЛА ОТПАД , ЈП Комунална Хигиена, ЈСП, Титан УСЈЕ и Скопска Пивара организира забавно-едукативен настан со кој ќе се вклучи во глобалното одбележување на 5 Јуни – Светскиот ден на животната средина. Годинашново одбележување на овој  значаен еколошки ден е посветено на глобалните заложби за намалување на загадувањето со пластика.

Настанот се одржува денеска од 10 до 12 часот, во Градскиот парк во Скопје, на отворената бина „Школка“. Преку игра, песна, едукација, еко-трикови околу 300 ученици од 9 скопски основни училишта кои во текот на учебната 2017/2018 година собраа најмногу пластични шишиња и ги предадоа за рециклирање на ПАКОМАК, ќе ја пратат пораката дека се подготвени да го сменат своето однесување кон пластиката и со тоа да се грижат за животната средина, живиот свет и сопственото здравје.

На настанот ќе се обратат заменик министерот за животна срединаи просторно планирање Јани Макрадули,  градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, претставникот на УНЕП Искра Стојанова и постојаниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон.

Македонија е меѓу повеќе од 143 земји во светот, кои го одбележуваат Светскиот ден на животната средина 5 јуни – на годишнината на одржување на Конференцијата на Обединетите нации во Стокхолм (1972), посветена на животната средина, на која се донесе Програмата за заштита на животна средина на Обединетите нации (УНЕП). Оваа година, Обединетите нации повикуваат на акција во борба против големиот еколошки предизвик – загадувањето со пластика.

Сметајќи дека секој може да влијае на намалување на тоа загадување ОН предлага „рестораните во кои сме чести гости да ги замолиме да престанат со користење на пластични сламки, на работа да носиме свои шолји за кафе, за пазарување да носиме свои торби, да одбиваме пластичен прибор за јадење и да ја собираме пластиката на која ќе наидеме при следната прошетка (улица, парк, шума, брег)“.

Предупредуваат дека луѓето станаа премногу зависни од пластиката за еднократна употреба, што има сериозни последици по животната средина. Гледајќи во целост, 50 проценти од употребената пластика е за еднократна употреба.

Милиони пластични шишиња се купуваат секоја минута во светот, и секоја година се користат околу пет трилиони пластични кеси за еднократна употреба. Покрај тоа, речиси една третина од употребената пластична амбалажа не влегува во системот за собирање и завршува со затнување на градските улици и загадување на природата. Секоја година околу 13 милиони тони пластичен материјал што го загрозува животот во морето доаѓа до океанот. Пред да се распадне пластиката во океанот, може да поминат стотици години.

Како што соопштија ОН, научниците се уште не се сигурни каква штета пластиката од водата му прави на телото, но се знае дека содржи голем број на хемикалии, од кои многу се токсични или ја попречуваат работата на хормоните.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ