Пишува: Сунчица Уневска
Кон: „Анатомија на еден пад“, режија: Жистин Трие, сценарио: Жистин Трие и Артур Харари, улоги: Сандра Хелер, Свон Арлауд, Мило Мачадо-Гренер, монтажа: Лорен Сенехал, фотографија: Сајмон Бофилс, Франција 2023
Токму во моментот кога се одржува годинешниот Кански филмски фестивал ќе се осврнеме на минатогодишниот победник „Анатомија на еден пад“, меѓудругото и затоа што филмот играше во киносалите „Милениум“ и во Кинотеката на Македонија. Интересно е дека овој филм се претвори во вистински феномен, но не заради бројните награди и номинации што ги освои, ниту поради одличните оценки на критиката, а ниту поради жанрот и приказната. Имено, на прв поглед тоа и не е филм кој носи којзнае што ново, од една страна може да се каже дека е класичен трилер, дека има и класичен наратив, а од друга страна, нема ниту оригинална приказна, туку тема која е многупати видена. Па, сепак, „Анатомија на еден пад“ предизвика неверојатно внимание, теории, расправи и критички осврти кои (често неуспешно и многу индиректно, да не речеме недефинирано) се обидуваат да навлезат и да ја доловат неговата суштина. Бидејќи, на крајот на краиштата, ова остварување на Жистин Трие е далеку од обичен, и уште подалеку од било каков жанровски или наративен калап во кој би можел да се смести.
Навидум, во него многу работи се јасни од самиот почеток, за подоцна како што приказната се развива да сфатите дека тука не станува збор за тоа кој е убиен и зошто, чија е вината и кој е жртвата… Не, тоа е филм кој прави таква вивисекција на еден брак, на односите во него, на карактерите и на однесувањето во некои сосем неочекувани поточно нетипични ситуации, што го одзема здивот. Наеднаш се наоѓате во еден таков „емотивен ролеркостер“, за кој зборуваат и самите сопружници, кој непогрешливо ве внесува во оваа, по многу нешта, несекојдневна приказна, терајќи ве да се поистоветите, да размислувате за себе и за својот однос со најблиските. Ништо во него не е едноставно, ниту предвидливо, иако така изгледа, иако тоа го прави наизглед со многу малку напор, додека понира во личните карактери, во нивните односи, но и во тој сложен заплет кои сите работи ги доведува до екстреми.
Сепак, кога во судот ги слушате „рационалните“ и „едноставни“ објаснувања на Сандра Воитер (Сандра Хелер) останувате сосем збунети. Дали е тоа возможно, дали во една толку заплеткана ситуација нешто може да биде едноставно. Оној ужас кој полека се вовлекува во гледачот можеби најдобро може да се види во очите на 11-годишниот Дениел (Мило Мачадо-Гренер), кој всушност е слеп. Неговиот страв, неговото неразбирање, неговите борби и дилеми што така сугестивно му ги пренесува на гледачот, додека ги следиме апсурдните заклучоци, прашања, и уште повеќе одговори кои создаваат вистински хаос. „Анатомија на еден пад“ на тој начин од трилер и од судска драма, се претвора во психолошки филм во кој станува и неважен одговорот на прашањата заради кои сме тука, туку уште поважна станува онаа врата која се отвора и нè води во толку различни, навидум непознати правци, од кои е тешко да се вратите или соземете.
Приказна за едно убиство или самоубиство, приказна за еден брак, приказна сместена во прекрасните снежни пејзажи на француските алпи, чија недопрена убавина, но и студенило како да се вовлекло не само во нивната куќа, туку и во нивните срца. Трагајќи по она што ќе ја исполни таа празнина, трагајќи по она што ќе донесе емоции и топлина во таа сурова беспрекорност, трагајќи по загубените конекции, по логиката, по поддршката, по очајните обиди да се најде загубената смисла, сите работи стануваат уште побесмислени и нелогични. Има тука и суровост, и апатија, и незаинтересираност, и немоќ, има тука толку многу делови од мозаикот кои треба да ја дадат целата слика. А така ќе зборува и Сандра за нејзиниот живот со Семјуел (Семјуел Теис), дека не е тоа целата слика, дека тоа се само делови, дека тоа се само мигови или кавги во кои има и преувеличување и обвинување, но дека целата слика е сосем поинаква.
А каде е, всушност, целата слика. И за која слика впрочем зборуваме? Дали за загубениот живот во неразјаснетите околности, или зборуваме за една брачна двојка која својот заеднички живот го започнала како вистински сродни души, го започнала со љубов и големи очекувања, за потоа, по некое време, кога нивниот однос ќе биде ставен под лупа, да излезат работи кои никако не можете да си ги објасните. На што се однесува анатомијата на падот и кога, всушност, целата таа несреќа започнува или завршува. Испитувањата во судот откриваат една сосем поинаква слика, поставувајќи сè повеќе прашања, кои сакале или не, ве водат во друг правец.
Подеднакво како што сме ние збунети, така е збунет и судот, а особено Дениел, детето кое се бори со својата љубов и приврзаност кон родителите, детето кое било сведок на сите перипетии во тие нивни турбулентни односи, детето кое можеби не сака да прифати, детето кое се бори со своите невини и детски убедувања, а најмногу со своите емоции. Неверојатно е до какво разголување доаѓа додека трае истрагата и барањето на одговорот дали се работи за убиство или самоубиство, неверојатно е колку тие детали кои навидум не се целата приказна, всушност неа ја исцртуваат. Дали може човек да не се скрши втурнат во една таква животна, неминовна драма, од која на крајот нѝ зависи целата судбина, како сегашна, така и идна, но и онаа затскриената која ги менува прво перцепциите на протагонистите, а потоа дефинитивно и нашите. Не можете на ист начин да се гледате, не може на ист начин работите да продолжат, не може сè да се врати на старо, особено не кога станува збор за љубовта.
Токму затоа и малиот Дениел ќе посака да биде сам пред да ја донесе конечната одлука, ќе побара да се преиспита, да ја најде вистината, ќе побара време, како што ќе се покаже, да може да го прифати неизбежното. Токму тоа и ќе биде точката на кршење на Сандра, онаа точка кога сè што сте направиле, вложиле или не, сè што сте одлучиле и за што сте се бореле, сè во што сте сакале да верувате, сè за што сте живееле ќе се најде пред едно искршено огледало, кое понекогаш и најточно ги рефлектира вистинските контури.
„Анатомија на еден пад“ не е трилер, тоа не е само криминален филм, тоа е филм за животот, за односите меѓу луѓето, за оние најдлабоки, најсуштински емоции, за оние бегства или жртвувања, за оние разбирања или тотални разидувања. Падот се однесува на многу нешта, иако овде падот и смртта се претвораат во симболика која нè тера на болно преиспитување, особено кога ќе се соочите со беспомошниот поглед на децата. На крајот и не е најважна пресудата, најважно е како тој ролеркостер ќе го преживееме, бидејќи никој не е толку далеку за бездната што се отвора пред нив да не ги повлече сите. „Анатомија на еден пад“ се однесува и на распадот на бракот и на неминовниот распад на семејството, се однесува на Сандра и на Семјуел и на Дениел исто колку и на нас, исто колку и на сите кои се обидуваат во тие сложени секојдневни односи или далечни бескрајни простори, да се најдат себеси и да зачуваат дел од својата душа. Да зачуваат делови кои потоа, исправени пред искривеното огледало ќе можат да ја доловат целата слика. Можеби и неточна, но слика во која ќе веруваме и која ќе може да нѝ ја врати онаа смисла за која вреди да се живее, за која вреди да се жртвува, па дури и кога падот е неминовен.