Корона кризата ги погодува подеднакво сите, но се чини дека место за компензација и почитување на одлуките на Владата баш и нема.
До редакцијата на ТЕХТ.МК стасуваат реакции на граѓани кои не можат да појдат на одмор преку агенцијата во која претходно имале уплатено, но поради пандемијата им е откажано патувањето. Имено, дел од агенциите одбиваат да им ги пренаменат средствата за друг ангажман.
„Не бараме да ни ги вратат парите, бараме за истата сума да ни направат пренамена и да појдеме на одмор било каде низ Македонија. Конкретно баравме да одиме во Охрид… Ние уплативме уште кон крајот на минатата година, што значи тие работеа со нашите пари, а сега бараат да бидеме солидарни„ – вели една читателка која информира дека агнецијата нема намера да им ги пренамени средствата, туку дека ќе можат да ги искористат парите за истиот ангажман кога за тоа ќе се создадат услови. Односно, дека ќе можат, во конкретниов случај, да појдат само во Венеција!
Друга читателка информира дека агенциите воопшто не сакаат да разговараат на оваа тема и дека не им одговараат на барањата, со образложение дека ќе затворат.
Останува отворено прашањето дали туристичката агенција е должна да ги обесштети граѓаните кои платиле аранжман и што се случува со обврската да имаат лиценца за да можат да работат.
Според законот за туристичка дејност, туристичките агенции за вршење на дејноста мора да имаат лиценца , а таа може да биде лиценца “А” и лиценца “Б”. Лиценцата ја издава органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот или овластена институција.Периодот на важење на лиценцата е неограничен.
Услови за давање на лиценца „А”,и лиценца „Б
За добивање лиценца „А” туристичката агенција меѓу другот мора да склучи годишен договор со осигурително друштво за осигурување за одговорност од вршење на дејноста во износ од 100.000 евра во денарска против-вредност или да обезбеди банкарска гаранција во износ од 100.000 евра, со што гарантира дека ќе ги обесштети клиентите во случај да банкротира.
Имателот на лиценца „А”, може да врши организирање на туристички патувања во земјата и во странство (туроператорска дејност).
Врз основа на добиената лиценца „А”, туристичката агенција може да се занимава и со посреднички, организаторски, информативно – советодавни и промотивни активности и други активности во врска со патувањето и престојот на корисниците на услугите во земјата и во странство.
За продажбата и реализацијата на туристичкиот аранжман, туристичката агенција која има добиено лиценца „А” склучува договор со корисникот на туристичките услуги.
Туристичката агенција, носител на лиценца „Б” може да врши продажба и посредување на туристичките патувања организирани од вршителите на туристичката дејност со лиценца „А”, како и други услуги во согласно Законот за туристичка дејност.
Банкарската гаранција што ја дава носителот на лиценца А гарантира дека во услови на пропаѓање на аранжманот, не по вина на клинетот, ТА гарантира дека ќе им ги врати парите на клиентите.
Дали агенциите работат на диво и немаат лиценца или не функционира државата останува да видиме. Разбирливо е дека миснитерството за економија се заложи да го реши проблемот, но шест месеци од почетокот на кризата досега нема решение ни за ТА, ниту пак за граѓаните.
А.Н.