сабота, декември 21, 2024
домаНасловнаУчениците во еко акција, се чистеа плажите во Охрид во рамки на...

Учениците во еко акција, се чистеа плажите во Охрид во рамки на проектот „ЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА ЗА СВЕТЛА ИДНИНА“

Деновиве во Охрид се одржаа неколку еко-акции за чистење на крајбрежјето на Охридското Езеро. На повеќе плажи учениците  собраа најразличен отпад во рамките на проектот „ЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА ЗА СВЕТЛА ИДНИНА“ , кој се реализира на иницијатива на Здружението на граѓани „Нова Порта“ со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Целта на овој проект е  градење на еколошки свесна младина. Од Здружението на граѓани „Нова порта“ велат дека преку вакви акции за чистење на најкритичните места долж брегот на Охридското Езеро се подигнува еколошката свест кај јавноста, а од друга страна се остава чиста слика пред почетокот на туристичката сезона во Охрид.  Во акцијата се вклучија наставници и ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Охрид.

 „Како наставен кадар се трудиме од најмала возраст да ги едуцираме децата за грижа кон животната средина. Би било добро да има повеќе вакви еко акции, да се вклучуваат што повеќе ученици. Ние сме свесни дека не можеме сѐ да исчистиме, но даваме пример како треба да се однесуваме, да бидеме еко свесни. Учениците ги учиме правилно да одлагаат отпад но и да рециклираме отпад,  а со тоа веруваме и со вакви акции  ќе ја подигнеме свеста кај сите“, изјави  Билјана Иваноска наставник во ООУ „Григор Прличев“ Охрид.

Младите испратија силни еколошки пораки за зачувување на најстарото и највредното природно езеро во земјава и Европа.

„На отпадот местото му е во корпа“, „Не фрлај ѓубре во Езерото“, „Да ја чуваме животната средина“, се дел од пораките на учениците.

„Интересот кај младите за да се вклучат во акцијата е голем. Изминатиов период на повеќе локации се собираше отпадот  а се спроведе и акција под мотото „Езерото не е корпа за отпад“  на која преку транспаренти се испратија еколошки пораки за заштита на Охридското Езеро. Целта пред сѐ е подобрување на состојбата на животната средина и подигнување на свеста за зголемена заштита на Охридското Езеро и крајбрежјето“ , велат од „Нова порта“.

Исчистените плажи, како еколошко чисти плажи, ќе се обележат и  со еко-знамиња.

„Ваквите акции пред се имаат едукативна намена а практичните примери се најважни во борбата за заштита на животната средина“, додаваат од „Нова порта“.

Во рамките на проектот предвидено е да се реализираат и неколку подводни чистења на Езерото во Охрид и Струга како и едукативни работилници со учениците од основните училишта.

За подигнување на еколошката свест во рамките на проектот ќе биде изработен и видео спот преку кој младите ќе испратат силни и јасни пораки за здрава и чиста животна средина.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ