Улогата на дефектологот во градинките

Наше Бебе во осработка со приватната градина СВЕТОТ НА КОЛОРЕС започнува да објавува сериај текстови за едукацијата на децата во предшколска возраст

0
1208
stefani nakova
Пишува: дип. специјален едукатор и рехабилитатор: Накова Стефани

Секојдневно се сретнуваме со сè повеќе дечиња кои се класифицирани како деца со пречки во развојот. Тоа е резултат на зголемена свест кај самите родители, но и кај педијатарите и воспитувачите, поради што децата се вклучени во процесот на рана интервенција.

Интернетот е преплавен со информативни текстови за оваа категорија граѓани, но и за симптомите, како и со тестови за проценка во домашни услови. Родителите активно се вклучени во следењето на развојот на своите деца. Дури и при најмало отстапување бараат консултации со стручни лица.

Покрај родителите, многу важна улога во препознавањето на првите симптоми, имаат и воспитувачите и негувателите во градинките. Тие голем дел од денот го поминуваат со децата и ги следат во една поинаква средина од домашната, на која се навикнати.

Штом забележат неправилности во развојот и однесувањето, воспитувачите истото ги пријавуваат кај стручната служба во која активен член е и специјалниот едукатор и рехабилитатор, познат и под старото име – дефектолог.

Дефектологот во градинките пред сè, помага при проценувањето на детето, во поглед на неговиот моторен и когнитивен развој. Тој спроведува низа тестови и врши опсервации, сè со цел што подобро да се запознае со детето и неговите способности. Процената може да ја врши во самата занимална или пак во посебно наменета и опремена просторија. Покрај децата со пречки во развојот, дефектологот ги следи и останатите, со цел што порано да се забележат какви било промени.

Кога веќе ќе се потврди сомнежот кај воспитувачите, дефектологот е должен да ги информира и родителите за истото. Во соработка со нив, поставува цели и задачи, изработува индивидуален план за работа. Подоцна, по него, работат воспитувачите.

Со овие деца, дефектологот работи индивидуално. Вежбите и активностите се преточени во игра, која за децата во овој период е најлесниот и најдобриот начин на комуникација. Преку неа, дефектологот применува вежби за психомоторен развој, сензомоторна интеграција, изведување на секојдневните активности, како и на она најважното – социјализација со врсниците.

Исто така, дефектологот е задолжен за процена на просторот и негова адаптација. Внимава пристапот до занималната да е непречен, во случај детето да користи помагала за движење. Покрај тоа, внимава играчките и материјалите да бидат на дофат на сите деца. Просторот да биде доволно простран и осветлен и без премногу сензорни дразби.

Освен директна работа со децата, дефектологот е секогаш отворен за соработка со воспитувачите и родителите. Врши консултативни и информативни средби, обуки за работа со децата со пречки во развојот, наменети за вработените во градинката. Ги насочува родителите во работата дома, како и на понатамошни испитувања, со цел доаѓање до конечна дијагноза, на основа на која најдобро ќе се согледа состојбата во која се наоѓа детето.

Дефектологот има важна и тешка задача пред себе – да изнајде начин кој е најпривлечен и најадекватен за потребите и способностите на детето. Тој, секојдневно или по потреба, работи со децата, во рамките на самата градинка, во периодот додека детето престојува во неа. За родителите, ова претставува олеснителна околност, бидејќи не трошат дополнителни средства и не губат време на превоз од едно до друго место.

Како резултат на континуирана и квалитетна работа со дефектолог во предучилишните установи, децата се опфатени во процесот на рана интервенција и процесот на рехабилитација уште на самиот почеток.

По излегување од предучилишните установи, децата се подготвени да продолжат со своето образование. Без разлика дали станува збор за редовно или специјално училиште, тие ќе можат самостојно да ги изведуваат сите задачи кои ќе бидат поставени пред нив, а понатаму и да станат активни членови на општеството во кое што живеат.

Што претставува раната интервенција?

Раната интервенција е група на терапевтски услуги посебно создадена да му помогне на детето да ги надмине пречките во развојот. Се фокусира на потпомагање на детето да развие постоечки или нови вештини во периодот на првите три години од животот, вклучувајќи: моторни вештини (лазење, одење), когнитивни вештини (учење, мислење), комуникациски вештини, социо-емоционални вештини и самопомош (облекување, јадење).

Кој сè може да се вклучи во процесот на рана интервенција?

Откако ќе се изврши процена на способностите на детето и ќе се утврди дали постои попреченост или пак пречки во развојот, истото треба да се вклучи во раната интервенција. Услугите се даваат од добивање на мислењето, па сè до тргнување на детето во училиште. Овој период е многу важен, бидејќи е исполнет со критични периоди за развој на одредени способности кај детето. Доколку се работи со стручен тим, детето има поголеми шанси да ги стекне овие способности.

Како може да се вклучат инклузивните практики во раното детство?

Инклузијата на децата со пречки во развојот во градинките низ светот е сè почеста појава. Родителите, наставниците и истражувачите дојдоа до заклучок дека децата имаат голем број придобивки во интегрирани програми кои се создадени да ги исполнат барањата на сите деца. Сепак, многу деца со пречки во развојот имаат потреба од посебни услови за да можат успешно да се вклучат во средината. За таа цел, воспитувачите, наставниците, како и другите лица кои непосредно работат со овие деца, постојано ги надградуваат своите знаења.

На кои начини, ефективно можат да соработуваат воспитувачите/наставниците и дефектолозите?

Тие заедно го следат напредокот кај детето. Потребно е меѓусебно да се известуваат при промени во однесувањето и при постигнување резултати, односно подобрување на способностите кај детето. Претставуваат дел од тимот кој го изработува индивидуалниот план за работа и континуирано го следат исполнувањето на целите.

Што претставува индивидуалниот план за работа?

Индивидуалниот план за работа претставува документ создаден од страна на тим кој што се ревидира најмалку еднаш годишно. Индивидуален план за работа има секое дете кое има потреба од работа со дефектолог. Во него се содржани сите податоци за детето, неговата состојба, позитивните и негативните карактеристики, способностите кои ги поседува, како и цели кои треба да се исполнат. Потоа сите членови на тимот работат со детето кон остварување на целите.

На кој начин дефектологот го следи и работи со детето во градинките?

Кај повеќето деца најдобар ефект се постигнува доколку дефектологот и детето работат еден на еден. Тоа подразбира дефектологот да работи со детето во посебна просторија опремена со материјали кои го поттикнуваат развојот. Покрај индивидуалните часови, дефектологот може да го посети детето и во неговата група, додека се изведуваат секојдневните активности. На тој начин може одблиску да го набљудува неговото функционирање во група и да даде насоки на воспитувачите во понатамошната работа со детето.

Со кого сè работи дефектологот?

Дефектологот работи со сите деца кај кои постојат пречки во развојот или пак утврдена дијагноза. Тоа ги вклучува децата со оштетен вид, оштетен слух, интелектуална попреченост, моторни нарушувања, аутизам. Работи со децата кои отстапуваат од „нормалниот“ развој, односно со сите деца кај кои се потребни адаптации на просторот, програмата или начинот на пласирање на информациите, сè со цел постигнување на нивниот максимум.