четврток, декември 19, 2024
домаЖивотЗдравјеУште многу непознати половина година по старт на пандемијата

Уште многу непознати половина година по старт на пандемијата

Шест месеци откако Светската здравствена организација прогласи пандемија, Ковид 19 е дел од нашите животи, непријател за кој научивме многу, но никој не го знае одговорот на прашањето што нè чека оваа есен и зима.

Сè уште не знаеме дали епидемијата повторно ќе се разгори?

Поради големото мешање на луѓето во текот на летото, по укинувањето на пролетниот карантин, бројот на заразени лица во Европа нагло расте. Ова е случај во Франција, Шпанија и Велика Британија, како и во многу други земји, иако не се работи за нивоата што беа на врвот на епидемијата во март и април, пенесува „Б92“.

“Илјадници новоинфицирани лица на ден, тоа е многу. Тоа е многу загрижувачко”, изјави францускиот министер за здравство Оливие Веран за радиото „Франс Интер“ во вторникот.

Ако продолжи вака, Велика Британија ќе доживее „бурен период во наредните месеци“, изјави за „Би-Би-Си“ Џонатан Ван-Там, еден од претставниците на британските здравствени власти.

Зголемувањето на бројот на заразени лица автоматски ќе доведе до поголем број тешки случаи за неколку недели, предупреди Веран. Но, прашањето е во кои размери?

По лошото искуство со првиот бран, многу лекари стравуваат дека болниците и единиците за интензивна нега ќе бидат пренатрупани оваа есен, како во март. Вирусот сега циркулира претежно меѓу младите луѓе, кои не се ризична група, но постарите лица и оние со послабо здравје неизбежно ќе бидат погодени, предупредуваат тие.

Други, помалку песимистички, сметаат дека ризикот од преоптоварување на болниците е помал отколку во пролетта, бидејќи луѓето кои припаѓаат на ризични групи ги почитуваат епидемиолошките мерки.

Најоптимистичките сметаат на имунитетот стекнат во првиот бран, надевајќи се дека ќе го спречи вториот бран и ќе овозможи да се избегне повторување на мартовската катастрофа. Но, тоа е само претпоставка.

Сепак, сите инсистираат на важноста од почитување на епидемиолошките мерки како што се носење маски, често миење на рацете и почитување на дистанцата.

Реинфекции и имунитет

Неколку случаи на закрепнување на луѓе од коронавирус кои потоа повторно се заразиле, се пријавени во последните неколку недели низ целиот свет, што отвора прашања во врска со трајноста на имунитетот.

Првиот ваков потврден случај беше 30-годишник од Хонг Конг, кој беше потешко болен првиот пат отколку вториот. Експертите во тоа гледаат трошка надеж и знак дека неговиот имунолошки систем научил да се брани по првата инфекција. Тие, сепак, нагласуваат дека не може да се извлечат заклучоци од само неколку случаи. Тие исто така нагласуваат дека вистинското прашање не е дали некој може да се зарази двапати, туку колку е заразна личноста вториот пат.

Општо земено, имунитетот против Ковид 19 сè уште е слабо разбран. Научниците се фокусираат на антителата, но исто така се надеваат дека друг вид на имунолошки одговор, заснован на Т-лимфоцитите, може да ја запре епидемијата. Но, тоа е само теорија.

Учебната година започна во многу земји, но сè уште не е точно познато каква улога играат децата во ширењето на епидемијата. Едно е сигурно: според сајтот „Индекс.хр“, децата ретко заболуваат од Ковид 19. Повеќето развиваат само лесна форма на болеста или воопшто немаат симптоми. Но, не е познато дали тие се подеднакво заразни како возрасните. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ