Омаж на турската традиционална музика видена во ново џез руво се случи синоќа на премиерната изведба на концертот „Виорот на Анадолија“, во Националната опера и балет во Скопје. Час и половина убаво патување низ звуците на музичкото културно наследство на богатата турска култура во преполната сала на НОБ.
Концертот го организираше Турскиот културен центар „Јунус Емре“ од Скопје и е прв од 11-те што ги опфаќа оваа турнеја. Вечерва музичарите ќе настапат во Центарот за култура во Гостивар во 19 часот. Низ дваесетина песни со нов аранжман не поведоа ѕвездите на концертот – саксафонистот Анил Шалиел и Мареечи Асу, кој свиреше на инструментот деф. Тие на свој начин, заедно со седумтемина музичари на сцена го оживеаја духот на легендарните доајени – уметниците Ашик Вејсел и Зеки Мурен.
Публиката со овации и аплаузи ги награди, посебен беше настапот и на Асу во неговите соло изведби. Тој интерпретираше и стихови од големите поети Јунус Емре и Мевљана.
Специјална гостинка беше пејачката Елена Христова, која изведе три песни. Таа ги освои срцата на публиката.