Најмалку една „жртва“ на пандемијата на корона вирусот нема да тагува – тоа е грипот, кој одзема стотици илјади човечки животи низ целиот свет секоја година, а кој исчезна во Европа минатиот месец бидејќи рестриктивните мерки го забавија неговото пренесување, покажуваат податоците на ЕУ и научниците.
Зимскиот грип на северната хемисфера обично трае од октомври до средината на мај, а во некои сезони и покрај постоењето на вакцина одзема онолку животи колку што однесе КОВИД-19 , пренесе Ројтерс.
Грипот во текот на зимата 2017-18 година уби 152.000 животи во Европа. Досега, КОВИД-19 однесе речиси 100.000 животи низ целиот европски континент, иако за пократок период.
-Сезоната на грип заврши порано од вообичаеното оваа година и тоа најверојатно се должи на преземените мерки во врска со САРС-КоВ-2 (корона вирусот), како што се социјално дистанцирање и носење маски – вели за „Ројтерс“, Холгер Рабенау, специјалист за вируси во универзитетската болница во Франкфурт.
Иако ова е добредојдено, недостатокот на случаи може да го забави напредокот кон создавање вакцина против грип следната сезона.
-Лабораториите се преплавени со КОВИД-19 и имаат помалку примероци на грип, што значи дека можеби немале целосна слика за вирусот што циркулира во последниот дел од сезоната – рече Паси Пентинен, постар специјалист за грип во Европскиот центар за превенција и контрола болести (ECDC).
Помалку податоци и доцнења во обработката на информациите може да влијаат на квалитетот на вакцината за зимата 2021 година на јужната хемисфера, за чиј состав обично се одлучува во септември, врз основа на примероци собрани на почетокот на годината.
-Ова може да биде проблем – рече Пентинен, бидејќи недостатокот на информации за можни мутации на овогодишниот вирус ги намалува шансите за подготвување на најефикасниот удар против типовите што се очекува да преовладуваат следната година.
Проблемот веројатно нема да влијае на вакцината за следната зима на северната хемисфера, бидејќи нејзиниот состав е утврден во февруари, рече тој. А.Р.