Во пожар во интернат во централна Кенија загинаа 17 ученици, изјави во петокот портпаролката на полицијата.
Претседателот Вилијам Руто рече дека побарал од властите да го истражат случајот и да ги повикаат виновниците на одговорност, пренесува Хина.
Повеќе спасувачи се на пат кон училиштето Хилсајд Ендараша во Ниери, изјави портпаролката Ресила Онјанго на кениската радио станица „Hot 96 FM“, а властите подоцна ќе дадат детали.
„Изгубивме 17 студенти во пожарот, а уште 14 беа повредени…“, изјави Онјанго за Ројтерс по телефон. „Нашата екипа моментално е на терен.“
Учениците изгореле до непрепознатливост во пожарот, објави претходно „Ситизен тв“.
„Им наредувам на надлежните органи темелно да го истражат овој страшен инцидент. Виновните ќе одговараат“, рече Руто во објавата на својот X профил.
Властите го оградија училиштето, напиша Кенискиот Црвен крст на Х.
Во Кенија во последниве години беа забележани серија пожари во училиштата, а беше откриено дека многу од нив се подметнати пожари.
Девет ученици загинаа во септември 2017 година во пожар во училиште во главниот град Најроби, за кој владата утврди дека е подметнат пожар.
Во 2001 година, 58 ученици загинаа во пожар во домот на средното училиште Кјангули во близина на Најроби, додека во 2012 година, осум ученици загинаа во училиште во областа Хома Беј во западна Кенија.