сабота, јули 27, 2024
домаВрнежите од дожд и снег го отежнаа сообраќајот и предизвикаа излевање на...

Врнежите од дожд и снег го отежнаа сообраќајот и предизвикаа излевање на реките

Обилните врнежи од дожд и снег на повисоките места кои беа најавени за деновиви, денеска предизвикаа застои во сообраќајот на патот кон превојот Стража, посебно од Гостивар кон Маврово и обратно, поради паднати дрвја од замрзнатиод дожд и снег, намалената видливост и одроните на патот. Центарот за управување со кризи извести дека од ПС Маврово добиено е известување дека дождот полека се намалува, и дека екипи од Мак.пат, Шумско и ПС Маврово интервенирале на паднати 3 дрва на патот кон Маврово. Во меѓувреме на социјалните медиуми постојано се споделуваа предупредувања за внимателно возење и застој на патот кон превојот Стража.

АМСМ информира дека од 18.30 часот е воведена забрана за движење за сите моторни возила е воведена на патниот правец крак Маврово-Дебар на потегот од крстосницата за Маврово до Дебар , а Поради појава на магла видливоста е намалена од 50-100м на планинските превои Стража, Ѓавато и Пресека.

ЦУК според информациите добиени од Регионалните центри за управување со кризи, соопшти дека засега состојбата со водотеците е стабилна, има зголемувања на водостојот, но нема излевања на истите, освен во Битолскиот регион. По обилните врнежи од дожд на подрачјето на општина Битола во атар на с.Дихово е излеана Диховска Река и поплавена е помала земјоделска површина. Исто така, излеан е канал кај Брусничко Лавчански регион 1. Во атар на с Породин излеан е канал и поплавена е живинарска фарма. Известени се надлежните субјекти и во моментов екипите се на терен, информираат од ЦУК.

Инаку, од УХМР за хидролошката состојба информираат дека врнежите кои паднаа изминатиот период предизвикаа будење на водотеците низ земјава. После синоќешните врнежи зголемен е водостојот на повеќето реки низ земјава, а на дел од нив има и значително високи водостои.

Вкупно за наредните два дена во западните делови на места се очекува врнежите да надминат и 50 л/м2. Во тие делови од земјата се очекуваат значително високи водостои, полнење на речните корита како и локални излевања. Ова особено се однесува на р.Радика, р.Сатеска, р.Коселска и р.Голема (Ресенска) во чиви сливови се можни излевања на реките. Исто така, висок водостој и полнење на речното корито се очекува на р.Треска, (каде се можни локални излевања во тој слив, во Пласниица и на помалите притоки), а исто така и самата р.Треска се очекува да има полно корито.

Зголемен водостој се очекува и во горниот дел од сливот на р.Црна и на нејзините помали притоки. Иако според моменталниот водостој сеуште има простор за полнење, висок водостој се очекува и на р.Вардар во нејзиното горно течение, заедно со нејзините притоки во тој дел. Иако во источниот дел врнежите се очекува да бидат послаби, сепак висок водостој и можни слаби локални излевања се можни во сливот на р.Крива, р.Кумановска и р.Пчиња.  А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ