сабота, декември 21, 2024
домаНасловнаВтори „Преспански треперења“ во Стење на денот на сесловенските просветители Свети Кирил...

Втори „Преспански треперења“ во Стење на денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј

На 24 мај, Ден на сесловенските просветители и учители Свети Кирил и Методиј во дворот на црквата „Св.Кирил и Методиј“ во селото Стење се одржа второто издание на поетската манифестација „Преспански треперења“. Настанот го отворија младата писателка Маријана Митревска, еден од организаторите и реализатори на целиот овој проект, и м-р Даринка Веслиевска претседател на здружението „ЖАР Преспа Ресен“. Во присуство на бројни писатели со богато творештво од сите краеви на Македонија и регионот беше промовирана и збирката „Преспански треперења“, а се доделуваа и благодарници.

Настанот го збогатија и изведбите на групите „Дуо Персиди“ – Тони Карапанчевски- Леко и Кристијан Милошевски и „Здраве мјузик“ – Благојче Тодоровски, Бојан и Дарко Здравески.

-Оваа манифестација очекувам да биде богата, пред сѐ во духовна смисла, а за тоа, сите ние ќе дадеме свој придонес. Сведок нека ни биде Крстот на црковната купола што гледа од исток додека небото ги запишува стиховите што преку езерските води ќе ги разлева ветрот на сите страни – рече професорот и лектор Влатко Стојковски водејќи ги присутните низ програмата.

Присутни беа четириесеттина од вкупно 73 поети и писатели со богато творештво од сите краеви на Македонија, како и госпоѓата Мирјана Светозаревич од Ниш, Србија. Вратите и срцата широко ги отворија и овогодинешните кумови кои на нивни трошок обезбедија богата трпеза, почитуваните Невена и нејзиниот син Горан Ангеловски со фамилијата се главна поддршка и иницијатори токму оваа приказна да ја започнат тука.

Како што посочуваат организаторите проектот се реализираше со многу скромни финансиски средства: од донации од три фирми и две физички лице кои сакаа да останат анонимни. Средствата беа наменети за печатење на збирката и благодарниците, а за тоа беше одговорен Илија Мерковски со издавачката куќа „Дата Песнопој“ од Битола и печатницата „Ирис принт“ од Струга. Секогаш тука за здружението се дооел „Румко“ и дооел „Чокомил Ресен“ кои донираа дел од нивните производи. Хотел „Рива“ од Стење, подрачното училиште „Браќа Миладиновци“, и жители на селото помогнаа со инвентарот. Превоз од Ресен-Стење и обратно обезбеди Општина Ресен. Штанд со ракотворби имаа три девојчиња, а со преубави магнети од глина се претстави единствениот во овој крај грнчарот Ристе Шулинчевски.

Настанот течеше во дворот на преубавата црква „Свети Кирил и Методиј“ која сеуште е во изградба и како што рече еден од учесниците Мирко Томовски: „Едни се хранеа со посна храна, а други со духовна храна“. Со убави стихови, ора и песни беа весели сите гости кои ги имаше во голем број, посочуваат организаторите, додавајќи дека овој настан е од огромно значење за Преспа, Ресен, за селото Стење, за луѓето. Ова не е само културен настан, ова е обединување, создавање заедничка збирка која дава почит кон христијанството,негување на македонскиот јазик, пред сѐ благодарност кон сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј за нивните дела.

Фотографот Сашо Ставрев ги долови сите детали на настанот кој имаше и хуманитарен карактер, дел од средствата ќе бидат наменети за доизградба на црквата. Организаторите ќе речат дека настанот не беше совршен, но и не треба да биде совршен, затоа што не постои совршенство кај луѓето, но тие ќе се трудат секоја година да биде поубаво организиран од претходната.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ