четврток, април 25, 2024
домаЖивотЗдравјеЗа или против силиконски гради

За или против силиконски гради

Имплантите не пречат за време на бременоста, при доењето или при испитувања на градите. Неприфаќањето на силиконите е многу ретко, а причина може да е лошо направена интервенција, воспаление или појава на хематоми

Градите на Џенифер Лопез и Шакира се на врвот на листата најпосакувани гради според кои Македонките најчесто ги прават естетските операции. Кај нас, стотици жени годишно се одлучуваат да го променат изгледот на своите гради. Околу 70 отсто се млади девојки кои не се бремени или немаат деца. Идеалната “кандидатка” за зголемување на градите треба да е постара од 18 години, да не е бремена или да дои, да има добро физичко здравје, психолошки да е стабилна и да има реални очекувања.
Првите зголемувања на градите се изведени во раните 60-тите години, а оваа операција се вбројува во најмладите зафати на естетската хирургија. Од тогаш, до денес на милиони жени им се вградени силиконски импланти. Хирурзите велат дека зафатот е максимално сигурен.

Само здрави гради
Интервенцијата се изведува под општа анестезија, зафатот трае од 60 до 90 минути и пациентката е хоспитализирана 24 часа. Некои пациенти заминуваат и истиот ден, зависно од тоа како се чувствуваат по анестезијата. Жената што сака да ги зголеми градите мора да биде психички подготвена за промена на своето тело. Зафатот се изведува само на здрави гради.
– Секоја жена може да ги зголеми градите, освен ако има хронична или малигна болест со долготраен тек и со неизвесно лекување. Пред операцијата треба да се направи интернистички преглед, ЕКГ, стандардни испитувања на крвта и урината, коагулациони фактори, анестезиолошки преглед и сите испитувања во случај на претходни заболувања (бели дробови, срце, бубрези, алергии, хормонален дисбаланс), вели д-р Огнен Даскалов, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија, кој операции за зголемување гради изведува од 1993 година.

Компликации и ризици
Како и секој хируршки зафат и овој има одредени ризици: можност од инфекции, претерано крвавење, незадоволство од исходот, хематом, промена на осетот во брадавиците и дојките, поместување на имплантот. Можни се и симптоми на имунолошки болести – на некои жени по операцијата им отекуваат зглобовите, имаат треска, замор и болка во дојките.
– Можна е блага реакција на организмот на имплантот, при што може да се создаде тенка обвивка како природна бариера кон имплантот. Ретка е реакцијата на отфрлање, што се манифестира како воспалителна реакција. Може да се појави оток или помали хематоми кои поминуваат по неколку дена. Изместување на имплантите е невозможно, бидејќи тој се адхерира на местото на мускулот каде се имплантира и треба физички да се исече за да има истекување на гелот од имплантот. Сегашните гелови се такви штио и при повреда на имплантот, тој не истекува бидејќи тоа е кохезивна маса која го задржува својот волумен, објаснува д-р Даскалов и додава дека имплантите не пречат за време на бременоста, при доењето и при сите испитувања на градите, бидејќи имплантот е под млечните жлезди или под градниот мускул.

Корективна операција
По операцијата, пациентката има болна осетливост во горниот дел на градите во надворешните страни на градите, но тоа поминува со неколку таблети. По 3 дена пациентката може да оди на работа.
– Ако градите се асиметрични и лошо поставени или има лоши цикатрикси? кои се многу видливи, потребна е корективна операција. Досега имам променето импланти бидејќи пациентката по извесно време сакаше поголеми. Една од пациентките имаше тешка сообраќајна несреќа и имплантот и се пробуши од скршено ребро. Имав и случај кога по некоја недела морав да ги извадам имплантите на пациентка чиј сопруг не се сложуваше со таквата интервенција, вели д-р Даскалов.

Неприфаќањето е ретко
Се користат импланти со различен облик и големина. Најчесто се наполнети со силиконски гел.
– Сите импланти се направени од пулиуретанска обвивка, а во внатрешноста имаат различни типови гел: физиолошки раствор, шеќер, сахароза. Материјата е максимално сигурна и проверена. Повеќе од 40 години нема проблеми со имплантите и ова е максимално сигурна интервенција. Неприфаќањето на имплантите е многу ретко, а причина може да е лоша хирургија, воспаление или појава на хематоми. Во светот, процентот на повторни интервенции е околу 3 до 4 отсто, вели д-р Даскалов.

Не предизвикуваат рак на дојка
Една од најголемите предрасуди е дека силиконските импланти предзвикуваат рак на дојка. Но, вакво нешто досега не е докажано. Силиконот има широка примена во медицината и се смета дека е досега најдобриот материјал за производство на разни импланти, бидејќи организмот добро го поднесува.
– Рокот на траење на имплантите е околу 150 години. Имплантот се менува поради празнење, односно истекување на физиолошкиот раствор од него и намалување на волуменот. Може да се појави деформитет, односно затврднување на капсулата околу него. Кај новите типови импланти овие промени се избегнуваат со примена на нови типови обвивки и гелови, објаснува д-р Даскалов.

Два месеци забрането спортување
Неколку дена по операцијата, дојките секојдневно се масираат со лесни кружни движења. Тоа е нужно за да се избегне создавање на цврста бариера која може да го промени изгледот на дојката. Два месеци по операцијата задолжително се носи компресивен градник.
– Два месеци по интервенцијата забрането е да се вежба бодибилдинг, фитнес, џогирање или да се подига товар потежок од 10 килограми. Потоа се продолжува со нормалните физички активности и спортување, но треба да се носи спортски градник. Се додека линиите на цикатриксите се црвени не се препорачува да се сончаат или да се оди на солариум. По интервенцијата и вадењето на конците, се става хидратантна крема за да даде мекост и влажност на кожата. Контролните прегледи се како и кај останатите естески корекции на 1, 3, 6 месеци и по 1 година, вели д-р Даскалов.

Што да го прашате лекарот?
1. Колку зафати на зголемување гради досега направил?
2. Која постапка ја препорачува и зошто?
3. Прашајте за можните компликации!
4. Може ли да ви покаже фотографии од претходните пациентки пред и по зафатот?
5. Може ли да го погледнете зафатот пред да се одлучите?
6. Што можете да очекувате по операцијата? Колку ќе траат болките, кога ќе се повлечат лузните, кога можете да се истуширате?

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ