По проширената информација дека вработените од Бирото за развој на образование се на колективен одмор, оттаму стаса демант и информација дека вработените работат од дома.
– Со оглед на здравствената криза со ковид 19 во нашата земја и предизивиците со коишто се соочува образованието, а особено во изнаоѓањето на најсоодветни начини за отпочнување на новата учебна година, советниците во Бирото за развој на образованието оваа година и не користат годишен одмор. Заради законската обврска тие имаат решенија за користење годишен одмор од 10 работни дена, но и покрај тоа тие се ангажирани и работат од дома. Една од обврските што ја имаат е изработувањето на скратените наставни програми за сите наставни предмети од основното образование, гимназиското образование, уметничкото образование и општообразовните предмети во стручното образование -велат од таму.
Ваквата информација немаше никого да испровоцира доколку министерот за образование Адеми не бара учебната година да започне со физичко присуство на учениците. Но, во услови кога за своите вработени препорачува работа на далечинско, од дома, а за учениците бара фаизичко присуство, родителите се прашуваат зошто се овие двојни аршини. Дали за вработените во Бирото е небезбедно да работат од канцеларија, а за наставниците и учениците е безбедно? Или, сепак, вопрашање е нешто друго?!
Н.Д.