Новинари за човекови права во рамки на проектот Буџет мама, финансиран од ПМГ ГЕФ, на 5 и 6 Мај ја спроведоа првата работилница за подготовка и шиење на влошка за повеќекратна употреба. Во текот на посетата во Прилеп и Кривогаштани, остварија работна средба со партнерот ЛАГ Агро Лидер каде се говореше за проектните активности, се разгледа агендата за тренингот на жени од ранливи категории, се направија техничките проверки; се исконтактираа сите учеснички за потврда на присуството и о. Кривогаштани за потврда на користење на сала.
Беше остварена средба со директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Прилеп, Дејан Тошески. На средбата беше истакната важноста на активности од овој тип, вклучување на ранливите категории на групи на жени од Пелагонискиот регион во социјалното претприемништво и нивно граѓанско активно учество во општеството. Од страна на директорот, беа споделени предизвиците со кои секојдневно центарот се соочува со оваа целна група; недостатокот од законски регулативи за креирање на социјални претпријатија и недостатокот на поддршка на жени – претприемачки/фирми – поединци.
Следно, тимот на НЧП и Скриениот херој во секое дете, заедо со ЛАГ Агро Лидер посети дел од учесничките на тренингот, разговараше за предизвиците со кои се соочуваат, потешкотиите кои ковид период ги има нанесено, начини на излез од истите, зачетоци на претприемништва на дел од жените во домашни услови.
На вториот работен ден во просториите на о. Кривогаштани тимот на НЧП се запозна подобро со учесничките, отвори можност меѓусебе да се запознаат и вмрежат; го опиша проектот – целите и очекувањата; се разговараше за стравовите – дискриминацијата, исмевањето и неприфаќањето на опкружувањето за овој тип на социјално претприемништво и креирање на производ кој сеуште се смета за табу.
Се раскажа за минатото и историјатот на производите за менаџирање на менструална хигиена, напредокот на истите и денешницата; предностите и недостатоците на секој од нив. Се говореше за алтернативните решенија, еко-решенијата. Се дискутираше дали овие производи се навистина иновација или откритие или само подобрување на производите кои се користеле во минатото. Учесничките активно споделуваа свои мислења и искуства.
Голема беше заинтересираноста за отворање на свои бизниси – претприемништва и креирање на производи од овој тип, па вториот дел од денот беше посветен на креирање на прототип на менструална влошка за повеќекратна употреба. Се исцртуваа шаблони, се кроеше, се споделуваа идеи за закопчување, пакување, промовирање и продавање на производот.
На крајот на работниот ден се повторија целите и очекувањата од утрото, се воспостави дека се постигнати, се говореше за идните планови за шиење на влошката и можностите за нејзино сертифицирање и продажба на малиот и големиот пазар во државата.
А.Н.