недела, декември 22, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Македонецот, Албанецот и Ромот од автобусот, полн со вербално насилство!

ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Македонецот, Албанецот и Ромот од автобусот, полн со вербално насилство!

„Ооо, каков одмор!“, искоментиравме со другарка ми, на автобуската станица во Струга, откако по одличниот „Демофест“, од Бања Лука се упативме во Сплит, Дубровник, Тиват и црногорскиот брег, каде ја посетивме нашата драга Јадранка со семејството.

Се одморивме одлично, и решивме дека нема да ги спомнуваме „финансиските проблеми и сите други наши проблеми“, а откако заврши патешествието, таа се врати кај семејството, а јас на автобуската во Струга го дочекав автобусот за Скопје. Во мене беше само повратниот билет и картичката за градски автобус, а и некои грицки за по пат.

-Еф, со овие 50 денари, те частам еден сладолед, по п т,ми рече.

– А мор, не ми требет, не зезај, ќе спијам цел п т, каков сладолед, а и тебе ти останаја тие пари.

– Не мор, зеј ги, еден сладолед по п т, си зборувавме на охридски, и ми ги тутна в торба.

Влегов во автобусот, големата жештина која се чувствуваше и покрај слабиот еркондишн веднаш ме омалакса, и за неколку минути потонав во сон. Ме разбуди извикот на возачот „пет минути пауза“, и кога сфатив дека се наоѓаме во Кичево на автобуската, време беше за сладолед. Од 50 денари.

-Убаво ми велеше другарка ми, каде се патува в лето без сладолед, еве си се почестив, мјам, мјам!, задоволна си избирав во фрижидерот.

Уште со сладоледот во грло, автобусот се дополни и со останатите патници и тргна кон Скопје, а јас, веќе повторно во полубудна и полусвесна состојба го видов кондуктерот како се приближува до човекот што беше застанат до мене на нозе.

Нешто тој му шепна на уво, а кондуктерот  прво негодуваше, за да по кратко време почна се посилно и посилно да зборува.

-Мааа, не може! Билетот е 150 денари, а и за детето треба да доплатиш пола билет. Колку години има?

Малечкото синче кое беше со човекот, на возраст од кај 40-тина години, имаше некаде до десет, не повеќе, години.

Повторно го замоли кондуктерот да го одведе, и дека ќе стои на нозе цело време, седиште нема да зафаќа, и малку по малку почнаа на глас да се расправаат.

– Плати или симни се, нема со тебе да се расправам цел пат, ти кажав дека не може, почна да вика се погласно, а скромно облечениот човек уште неколку пати го замоли да го одвезе, дека не му стигнуваат пари и дека на нозе ќе стои, и тој и синот, само да не го остава под жешкото сонце.

Кога кондуктерот стана посуров во обраќањето, а и цел автобус почна да се буни дека „галамата им пречи“, почнаа да му се нафрлаат на човекот дека ја пореметува атмосферата во тој (етнички мешан) автобус и дека не платиле за него да го слушаат, тој му подвикна на кондуктерот:

– Доста! Дооста! Немој да ме срамиш пред синот. Голем е, веќе разбира.  Доста,  немој да ме засрамуваш пред синот! Немој, немој пред синот.

Тоа го повтори неколку пати, на македонски јазик со албански акцент, а на излегување и додаде со крик „О, земјо мајко, зошто ме срамиш пред синот, немам пари, како да ти платам?“. Го гушна детето и со насолзени очи излезе.

Она што и ден денес ме прави да ја чувствувам истата голема болка, бес, јад и пораз,  што ме совладаа во тој момент, е ликот на детенцето што го видов само кога поминуваше покрај моето седиште- можеби не разбра се, но имаше израз сериозен и заштитнички кон таткото, како неко „старо- мало“, се прилепи до татко си и се симнаа на излезот од Кичево.

– Немал пари да плати билет, а деца да прави знае, искоментира возачот, неколку од присутните дополнија со уште некои коментари од типот „ Аман од вакви патници“ “Што ни е нас грижа што немал пари, па нека не патува, нека седи дома “, само двете девојки од странство се вртеа кон другите и на англиски јазик заинтересирано прашуваа што се случило.

Онемена и без сила, неколку минути не знаев како да реагирам, а потоа ми дојде порив да се обратам на највисок тон и кон кондуктерот и кон возачот и кон сите присутни. И кон себе си.

За миг помислив дека треба демонстративно да се симнам од автобусот, но каде, веќе го имавме напуштено Кичево и бевме на отворен пат.

Мошне бев лута и бесна на кондуктерот, на  возачот, и на сите. Никој не изреагира човечки, не предложи да се соберат 100 денари да се доплати,  ниту да го убеди возачот да не ги остава на патот таткото и детето.

Патувањето понатаму ми помина во размислување ги анализирање на патниците и ситуацијата. Како да видов едно цело општество во мало.

Се обидов да најдам оправдување за нив- „добро, јасно е, сите се враќаат од одмор, можеби некои навистина ги потрошиле парите, немаат ни денар повеќе во себе, некои можеби ги имаат последните пари и им требаат, возачот навистина не смее да ризикува, зошто ако го фати контрола со патник без билет ќе плати казна, а може и со работно место. Ако веќе живееме во такво општество каде се доаѓа до ситуација да немаш ни за обичен билет, и кога веќе нема билети за поранливи семејства, ако веќе плус и отсуствува колективната свест и реакција, зар мора да се употребуваат такви зборови и коментари?

Го мислев детенцето, дека таа омарнина на патот  можеби и го онесвестила , а тоа ни без сокче во рака, ќе дехидрира, нема сила да издржи на + 40 степени.

Во овој случај не само што е најправен еден вид насилен и нечувствителен момент врз тоа мало и мило суштество, направен е и врз неговата мајка  чие дете од икс икс причини, е оставено гладно жедно на патот. Но како и да е, тој и татко му ќе се снајдат и ќе стигнат до домот. Се ќе помине.

Она што најсилно ме импресионираа и ми одѕвонуваше во уши беа зборовите : „Немој да ме срамиш пред синот, голем е, веќе разбира се !“.

Тоа беа силни зборови, обратени од човек до човек, од маж до маж, од татко до татко (можеби).  Зборови, чија моќ не беше сфатена, а оставаа трага. Навистина човекот е во право, еден ден детето сигурно ќе ја помни таа  случка. Додека се сеќава на својот татко. Од ден на де се повеќе ќе го разбира значењето. И гневен ќе биде. Додека дише.

**** *

Размислувајќи, стигнавме до Тетово. На средната врата почнаа да се симнуваат патниците, а меѓу нив и младото семејство Роми, млад татко и мајка , две машки деца до кај 5-6 години, и едно бебе, во рацете на мајката. Симнувајќи ги бројните торби, од кои два беа прилично спастрени и модерни куфери, а другите големи нафрлани црни ќеси, на мајката и се скина големото ќесе и и испаднаа куп предметите и алиштата. Таткото почна да ги собира и да вика по неа половина на ромски, половина на македонски јазик и да и се обраќа со погрдни зборови за жена. Ја поттурна благо, ја удри на глава и почнаа да се расправаат, нивните деца се смееја, возачот нервозен им свика што му одзеле неколку секунди плус, а тој и нервозните од топлото патници почнаа да извикуваат.

„Циганска работа!“, рече некој, додека другите се изнасмеаја.

Несвесно, на видик излезе целото вербално насилство кое околината го практикува на овој или оној начин, и го подржува. Не случајно ја спомнав националната припадност на луѓето кои поминаа во оваа приказна, не дека е таа важна или пресудна, за на крај да се донесеме заклучок дека-  една средина не може да биде насилна, доколку сите на ваков или таков начин, не се склони кон тоа насилство.

Зар доколку останатите патници беа поборници против насилството како облик и негативна содржина , немаше ли да го убедат возачот да не го остава таткото и синот на жешкиот асфалт, а и да не дофрла недолични коментари?! А и, сега, по втор пат, да се воздржат од коментари, или да му сугерираат на возачот да го почека стрпливо семејството да се симне со работите и малите деца, без да упатуваат коментари? Таа микро слика, за само неколку минути ситуација и во само еден автобус, како да ја покажа целта макро слика.

Во тој момент веќе бев останата без енергија, што и да размислував во својата глава беше бесцелно. Се сетив мојот омилен филм „Животот е убав“,  на таткото и неговата борба за сликата која треба да ја остави пред својот син- дете, и на поентата дека нема од Бога одбрани народи, дека само од нас самите зависи заедницата во која живееме. Каква ќе ја направиме таква ќе биде, не се нации во прашање, поединци, кои во еден збир го даваат својот карактер и на крај, се создава збир од нивните карактери. Тој збир е ликот на едно општество.

За мене, и ден денес таткото од автобусот е херој со реченицата„ немој да ме срамиш пред синот!“. Она што се  прикажува пред децата во рамките на едно семејство, тие го впиваат како сунѓер, и тоа останува како нивни трајна програмираност. Децата кои растеле со насилство,во  физички или вербален облик (какво што премногу го има во многу семејство), нема да бидат имуни на тоа. Напротив, ќе ја продолжат традицијата.

Ако се избираат зборови пред најмладите, од целата околина, и тие ќе бидат поквалитетни и поздрави генерации. Насилството е насилство, без оглед на обликот, местото, начинот на кое се случило. И од оној кој го направил, и од оние кои го подржале, со своето нереагирање или погрешно реагирање. Како и овој пат со, приказните од автобусот „Кој тоа таму се дере?“. Насилството, има и продолжен век на траење, не запира во моментот кога запрело,  кога и да се сетиш на него, ти ја ежи кожата

….Стигна автобусот на својето одредиште, се симнав целата зунета и обземена од разни мисли и со товар во нив, како да не сум била на одмор. На станицата во Скопје само уште еднаш извикнав „Ооо, каков одмор!“.

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ