сабота, јули 27, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Насилството на администраторите, кога нивните приказни го кружат градот!

ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Насилството на администраторите, кога нивните приказни го кружат градот!

Неодамна слушнав една случка во која една мажена жена се допишувала со својата нова љубов на Фејсбук. Нејзиниот сопруг ги начекал пораките, веднаш ја претепал пред децата, но бидејќи потекнуваат од европска земја, само што го завртила бројот на полицијата, до утрото мажот бил засекогаш иселен од станот, а нејзиниот живот продолжил без него.

Независно кој од нас каков став има во однос на тоа дали е коректно и чесно што таа била во брак кога го изневерувача мажот, разменувајќи љубовни пораки со друг, насилство си е насилство, особено кога е физичко, и државата треба да си преземе конкретни мерки- „сега и овде“. Како во овој случај.

Насилството се  дефинира како облик на сторено или повторено дело на вербално или невербално однесување кое има за последица вистинско или потенцијално загрозување на здравјето, животот, развојот и достоинството на една личност. А со современата комуникациска технологија има  нова појава- насилство со користење на  таа технологија, наречено електронско насилство.

Насилството преку  интернет е познато како „сајбер булинг“, и под ова спаѓа секоја комуникациска активност преку информациската технологија, која може да се смета штетна  за личност или група. Хакерите спроведуваат најчест облик на невидливо насилство, со пробивање во туѓи инбокси, крадење на фотографии и податоци, пренесување на доверливи информации.

Од мое искуство, таков тип на насилство многу лесно вршат и администраторите во фирмите. Тие „легално“ преку својот компјутер, на кој се вмрежени сите други, ги шпионираат своите колеги и колешки, а понатаму ги пренесуваат информациите. Потоа долго време низ градот ќе кружат „сториите“, со име и презиме, час, датум, како преку чат одредена жена се договорила со директорот (или уредникот на весникот, порталот) да оди кај него во заклучена канцеларија, што пред и потоа си коментирале, како си поминале, дали бала добра нивната „средба“ или можела уште подобра, кога следен пат, и слично. Администраторите дури и лични фотографии од приватни електронски пошти ги меморираат, за ако некогаш им „притребаат“. Тоа треба да е строго казливо, бидејќи често може да го смени текот на животот на една личност и да и направи големи проблеми. Професионални, семејни, животни.

Еден друг тип насилство е читање пред колеги и колешки, пред другари и другарки,  лични пораки, со цел да се исмее жената која некому му ги пратила пораките. Или го „боцнала“ на фејсбук за да му даде знак. Или му пратила „слободна “ фотографија само за негови очи.

„Еве денес што ми напиша таа… Што да и напишам сега јас?“, се случува незрел и неодговорен маж да се исмејува на своето работно место со свотие колеги, со жена вљубена или заинтересирана за него.

Една од првите такви случки, на невидливо насилство, кај нас е вистинската случка со една пејачка кога пред повеќе од десеттина години отишла во  Редакцијата на еден дневен весник во посета, кај новинари пријатели, а потоа побарала да седне на компјутер да му напише меил на своето момче во Австралија. Новинарот и администраторот ја прочитале комуникацијата, маил адресата на „австралијанецот“,па потоа (наводно)  праќале мејлови во нејзино име и со тоа се „забавувале“. Настана збрка, за која и таа дозна, но момчето го изгуби.

Ова е едно насилство кое многу зборува за момчињата кои го направија злото врз неа, без ниеден бокс, но толку силно што можеби ја зеле на душа. Којзнае какава би била  нејзината судбина ако не беа тие мејлови.  Досега кај нас имало и неколку случаи со интимни фотографии и преписки кои завршиле и јавно на порталите,  но и на суд.

Влегување во туѓи инбокси, читање на интимни пораки, навреди, пренесување и ширење на приватни пораки, крадење лични фотографии,  навредување, поттикнување омраза, несвесен пристап на штетни содржини, ширење насилни и навредливи коментари, снимање насилни сцени, заканувачки пораки, напад на приватност, „провалување “ во туѓи адреси,  електронска пошта и испраќање на лажни, или злобни пораки и  со незгодна содржина , како и креирање интернет  страници или лажни профили кои содржат приказни, цртежи, слики и шеги на нечија сметка- се насилство, во еден облик кој го нуди денешницата.

Жените се честа мета на сајбер насилство, токму затоа во последниве години имаме и голем број караници, омаловажувања, разделби и разводи и други негативни ситуации,  предизвикани од овие појави, за кои сепак малку се зборува и засега како да се табу теми.

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ