вторник, мај 21, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖенски приказни: Познатите имаат шанса да упатат силни пораки!

Женски приказни: Познатите имаат шанса да упатат силни пораки!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Во очи на Божиќ, 2018, еден од најголемите православни христијански празници, на порталите низ Балканот и пошироко, осамнаа искази од две познати личности, во кои тие проговорија за неоткриени моменти кои им се случиле на приватен план во младоста.
Едната од нив, српската пејачка Злата Петровиќ призна дека нејзините родители ја омажиле на сила кога имала само 14 години, а на 18 години таа веќе се венчала третпат. Пејачката, која зад себе има три брака, прв пат се омажила речиси во детството, на 14 година, и тоа од притисок од родителите. Две години потоа избегала од сопругот, кого никогаш не го засакала, и брзо потоа се развела и веднаш стапила во брак со својот втор сопруг, пејачот на народна музика, Хасан Дудиќ. Тогаш имала само 16 години. А со третиот сопруг, Зоран Пејиќ – Пеја, се венчала кога станува полнолетна, на 18 години. И од него се развела, а од браковите со нив двајца родила по едно дете.
Текстот завршува тука, со суптилна но сепак без конкретка порака упатена од пејачката, дали се согласува со тоа или би апелирала тоа да не се повтори кај други моми за мажење, на таков начин.
Другиот текст се однесуваше на големата турска ѕвезда, со наслов- Хурем Султан: Ме камшикуваше јавно и ми се смееше в лице! Во оваа објава турската актерка со германско потекло, Мерјем Узерли открива дека на 19 годишна возраст била јавно камшикувана во Дубаи, откако прошетала полугола во градот, но и за начинот на кој ја родила својата ќерка.
-Мислев дека нема силно да ме удираат, ама беше ужасно. Не ми се веруваше што преживувам. Мажот што ја извршуваше оваа налудничава казна ми се смееше в лице. Тоа ме доведе до лудило, рекла за случката во Дубаи.
Оваа (сега 34-годишна) актерка, која стана популарна со улогата на Хурем во серијата Сулејман величествениот, објаснила дека имала тежок живот и дека не може да ја пронајде својата сродна душа и за тој свој проблем зборува јавно.
-Мислев дека го најдов вистинскиот кога ја започнав врската со Кан Атес. Останав бремена, а тој ме принудуваше да абортирам, рекла таа.
17 години постариот бизнисмен сакал да ја натера да абортира, бидејќи веќе имал две деца од претходните бракови. Мерјем го оставила и ја родила ќерката Лара, која ја смета за своја најголема среќа во животот.
И во овој текст изостанува јасна порака која треба да се прати и сфати, и дали таа ги осудува постапките на мажите кои ја повредиле.
Често пати за некој празник, кога луѓето најчесто се пред своите монитори, се случува да осамне текст за приватниот живот на некоја позната личност. Некогаш тоа го прават за да привлечат внимание и за публицитет, а некогаш и заради предизвикување симпатија и емпатија кај читателската публика. Но, најчесто без порака со која се охрабруваат жените да превземат нешто против тоа.
Во контекст на овие текстови за познатите, се надоврзува и еден пошокантен текст кој привлече внимание кога беше објавен, на 27 јуни 2016 година, под наслов: СОРАЈА: Му простив на Стефан што ме колеше!
Во него, српската старлета Сораја открива дека на полицијата им кажала дека по вратот и градите со клуч ја пресекол фудбалерот Стефан М., и изјавила дека тој е нејзин голем пријател и дека не сака кривично да га гони. Таа додала дека Стефан, кој и бил поранешно момче, случајно ја исекол со клуч и дека е сигурна дека немал намера да ја повреди, и иако поради повредата завршила на Ургентен центар, таа решила да не го тужи фудбалерот.
Понатаму објаснила дека за среќа е само полесно повредена, а тоа се случило во една вила на Сењак, во Белград.
И во овој текст (во кој е очигледно дека е извршено насилство врз жена), пораката од женски агол изостанува.
Во јавноста, но и во полициските и лекарските извештаи, и кај нас постојат случаи кога на познати ликови им ја бранеле вонбрачната бременост, ги напаѓале физички, им оштетувале автомобили, ги омаловажувале на улица, па дури и ги натерале присилно да абортираат, но јавно објавено засега нема ништо. Иако се зборува од уво на уво, никоја од овие жртви не се осудува тоа да го изнесе во медиум, поради страв од осуда и отфрлање од јавноста.
Единствен случај во кој за нешто слично проговори е извесна ТВ водителка пред неколку години, за нејзината голема љубов и бракот со човек од друга вера, заради која нејзиното семејство и ден денес, веќе со децении, не контактира со неа.
Во случаи кога е извршено некакво насилство од овој тип, врз жена која била или потоа станала позната на јавноста, особено во поконзервативна средина каде сето ова се повторува, единствено останува борбата преку пренесување на порака. Доколку тие би се обратиле до јавноста преку средствата за информирање, имаат можност да ја пренесат пораката, и на тој начин да можат понатаму и да се вмрежат со други жени, жртви на слично насилство, особено преку социјалните мрежи каде сега е речиси секој/а достапен.
Сето тоа може да доведе и до засилена борба против ваквите појави и ситуации. Премолчено насилство е како соучесништво, а се она што се изнесува во јавноста е моќно орудие со кое се пренесува порака и се овозможува да се делува делотворно и корисно, во таа насока. И може да им помогне на млади девојки и на други жени кои се соочуваат со такви проблеми, притисоци и насилство.

(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ