недела, декември 22, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Штом си келнерка, ти мораш да ни го правиш ќејфот!

ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Штом си келнерка, ти мораш да ни го правиш ќејфот!

Сопствениците во малото меанче сместено на влезот на малото гратче, во почетокот на осумдесеттите години, имаа проблем со тоа што неколку месеци  не можеа да најдат жена која ќе ги служи гостите.

Тоа малечко кафеанче, речиси три на три, со само неколку маси и еден импровизиран шанк на кој имаше лута домашна ракија, мастика Грозд (која ја чуваа за позначајни гости), неколку пива и турско кафе. Кога газдите го отворија, изгледаше како некој мал импровизиран магацин за овошки, ладен и со сите различни маси и столици. Всушност, тоа и беше магацин, а го насловија „Златно цокле“, затоа што, самите, за да не се сруши, само што го направија го појачаа со едно цокле, околу наоколу, со неколку вреќи цемент.

Внатре беше „ мебелот“ со кој, тие двајцата- Злата и Мите, располагаа дома, пред да го донесат. Злата беше работничка во текстилна фабрика, а Мите, како нискоквалификуван работник, а и љубител на ефтин алкохол, не можеше никаде да се „прибере“ и да работи во тие тогашни комунистички фабрики.

И , како што имаа бавча на почетокот на гратчето, а и мало магацинче, во фунскција на „остава“, еден ден, пиејќи ракија, Мите, дојде на идеја да отвори мала меана. Првите денови ги собра своите другари „по алкохол“, пиеја лута ракија, а потоа еден по еден од нив донесе уште по некој стол, и се собраа се на се  три различни дрвени масички, од кои две се клатеа, за малку да се скршат, и осум столици. Зеде Мите чекан и клинкци, и некако, несмасно ги закова и прицврсти. Од каде му пари за нови?!

Кога соседот Самоил камионџијата, дозна за овој „изум“ на Мите, на радоста му немаше крај. Тој прв застана со големиот камиион, се паркира пред влезот и влезе во каубојски стил, со туркање вратата со нога, од радост.

-Па алал да ти е комшија Мите, каква идеја. Овде ќе си се собираме и ќе си пиеме. Давам збор, од овде ќе тргнувам на пат, и овде прво ќе навраќам пред да се вратам дома. Еве сто динари на под фрлам, да тргне, таков е ред, да ти се истураат пари, а ти тури по една лута, среќен и со висок тон влезе внатре, а на Мите, очите му светнаа кога виде 100 динари. Се стрча ги грабна и веднаш тури две лути.

-„На здравје, на здравје!“ се пијанеа до вечерта, кога Мите , едвај зборувајќи, со веќе врзан јазик, му се пожали дека се е супер, и дека ги очекува сите камионџии кои поминуваат по патот да бидат негови гости. Ама, има еден мал проблем, тој не може да ги служи, да се најде некоја женска, би било убаво.

Самоил се пофали, вети и исполни, за две недели кога се врати од следниот пат ја донесе Севда, триесетгодишна необразована жена, со машкудански изглед за да биде келнерка во кафаната.

Беше како изгубена и исплашена во погледот, кога му поддаде рака на Мите: „ Јас сум Севда, сполај што ме викнавте да работам. Знаете, во село кај нас само тутун садиме. Ефтино ни го откупуваат, и на крај ништо не останува пар за в џеб„, му се пожали.

Севда беше слаба , со низок раст, со машкуданско тело,рамна од горе до долу, чиниш струк како да немаше, со тркалезно и рапаво лице, и кратка изгорена виткана коса, половија некоја црвено- жолта бојосана и андулирана фризура, а во коренот подникната црна со по некое бело влакно, иако толку млада.

Сиромаштијата се читаше на нејзиното лице и тажни свенати веѓи. За само неколку дена Севда леташе од радост, како да се вдомила во некој замок, а не во „Златно цокле“. Се опушти и со радост ги служеше гостите. Самоил го служеше како „ага“, распашан, оптегнат на столицата, задоволен, и секое поминување ја потштипнуваше, како да е негова сопственост. И таа се радуваше. И другите гости, секогаш само мажи, имаа впечаток како да му е женска на Самоил. Паралелна жена, покрај неговата Симка. А и така и беше.

Никој не се осудуваше да и дофрли, без оглед на тоа што сите и го имаа меракот, ија погледнуваа со некој чуден жар во очите. „Единствена дама во кафанчето“.

Самоил ја смести под кирија во една стара трошна градска куќа, во самиот центар, каде спиеше заедно со сите сиромашни минувачи низ градот, кои доаѓаа на по една вечер, нешто како денешните хостели. Плаќаа една марка од ноќ. Немаше ни тоалет, и низ градот брзо се прошири една анегдота дека Севеда навечер врши нужда во собата, а наутро го фрла изметото. Набрзо ја избркаа од таму, па почна да спие во „Златно цокле“, зад шанкот на неколку штици покриени со јамболија.

Плата како плата не земаше, само што јадеше од она што Мите и Злата ќе и го принесеа, и спиеше во кафанчето. Одвреме навреме ќе се подновеше со некоја најефтина облека, најчесто подарок од Самоил. И задоволна беше.

Таква каква што беше, набрзо сите ја прифатија и ја запознаа. Неколку години им беше „најдобра другарка“ на сите во кафанчето. Им ги слушаше приказните, доживувањата, ги служеше, најубаво кафе им вареше.

Се до онаа вечер кога Самоил дојде пијан и ја влечеше за коса пред сите, и кога уште покаубојски влезе во кафанчето од првиот пат.

И се обрати со погрдни зборови, ја изнесе надвор и почна да ја и влепува шамари.

-Ти мене ќе ме лажеш, мислиш нема да дознаам. Сум те прибрал, селанко една, леб те хранам,  ти ќе ме лажеш.

Откако видоа дека разбеснетиот Самоил е сериозен, а Севда почна да писка и да се брани,  притрчаа неколкуте гости во кафанчето „Златно цокле“, и ја одбранија нападнатана жена. Набрзо и Самоил се качи во камионот и замина, а полицијата го испитувала што се случило. Некогаш и тие навражаа во „дивото„ кафанче, кое речиси и немаше соодветни дозволи за работа. Ама во мало гратче секој со секого се знае, никој не пријави и немаше никаков проблем.

Неколку дена таа не дојде на работа, целата во модринки, велат ставала ладни облоги на лицето. Причината, како што се разгласи низ градот , било тоа што Самоил и дал пари на Севда по нејзино барање, наводно да го помини месецот, а и давал и многу пати пред тоа, а таа ги пратила некому. Наводно, имала вонбрачна ќерка која ја имала оставено кај некои луѓе да ја пораснат. И целата заработка и ја праќала неа, сега веќе 15 годиншна девојка.

Самоил, по таа случка, повеќе не стапна во кафанчето. Севда се врати, но и нејзината приказна доби поинаков тек. Сега почнаа сите со неа да се однесуваат како сопственост. Како нивна жена. Немаше веќе некој да ја штити, некому да припаѓа, да има свој гард. Сега беше оставена на себе.

Мите, кого не го интересира машко- женските релации, само чашката, не беше кадарен да ја одбрани и да воспостави ред во кафанчето. Кој како доаѓаше ја допираше, ја штипнуваше пред сите, напати и на незгодни места. Таа , како да прифати дека сето тоа е нормално, само солзата понекогаш ја издаваше дека и е тешко и безизлезно. Дека, нема каде и кому да се врати.

-Ајде, тури две, не ти е чиста чашата, сум ти дал бакшиш и треба да си пољубезна со мене, и дојди да те потфатам. Моето раче не смее да остане празно, а ти си тука за наша забава. Штом си келнерка, ти мораш да ни го правиш ќејфот, дофрлуваа грубите и пијани гости.

Мобингот кој го трпеше во малото канфанче, во прво време ја веселеше и и носеше извесна слобода на духот. Потоа се претвори во „хорор“ целата таа ситуација и опуштеност на гостите ко нена. Лицето и свенуваше, брчките мошне рано ја нападнаа по челото и вратот.

По неколку години, кога Мите почина од срцев удар, „Златното цокле“ престана со работа, Севда замина, и никој веќе не слушна каде отиде и што се случи со таа намачена келнерка.

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ