недела, јуни 16, 2024
домаЖивотСценаЖИВЕ МЕШУРЕВСКИ: Народната песна ми е во срцето, само во неа се...

ЖИВЕ МЕШУРЕВСКИ: Народната песна ми е во срцето, само во неа се пронаоѓам

Разговараше: Валентина Ѓоргиевска Парго
Уште еден музички бисер од Преспа, Живе Мешуревски од Ресен “без пардон” ги освојува срцата на помладата, но и повозрасна публика, на народната музика. Стамено, елегантно момче со извонреден машки глас. Полека, но сигурно кон врвот.
*Со сигурни стапки, чекор по чекор на естрадата. Се повеќе го ширите кругот на љубители на вашата музика, а почнавте само пред неколку години. Како се случи самиот почеток?
-Уште како многу мал сум сакал да слушам музика и да гледам музички емисии, и само тогаш сум седел мирен, така ми кажува мајка ми. На седумгодишна возраст почнав да учам да свирам хармоника кај мојот драг наставник, Пеце Негревски, со кого научив да ги свирам и пеам првите македонски народни песни. Можеби тоа беше пресудно да ја засакам македонската народна музика и песна. Следуваа приредби и други културни настани во нашиот Ресен, каде редовно учествував. Се зачленив и во КУД “Таше Милошевски” , каде и свирев, и пеев,и играв. Моите ме запишааа во нижото Музичко училиште во Битола кое го учев шест години и продолжив во средно Музичко исто во Битола. Кога веќе стекнав некое знаење во музиката со другари мои ресенчани направивме музичка група, група “Кода” и така почнав активно да настапувам.
*Музичкиот од го почнавте и со изучување на музички инструменти, хармоника и пијано. Кај кои професори? 
-Нижо музичко училиште по хармоника учев кај професорот Владимир Андреевски. Средно музичко се запишав теорија, но професорката по пијано Билјана Павлова го препозна мојот талент, работеше со мене  и настапив на повеќе државни натпревари и земав награди. Во трета година со консултација кај мојата професорка Марина Коруновска, која многу ја сакам и почитувам, почнав со часови по соло пеење, за по матурата да продолжам исто на соло пеење на Музичката академија во Скопје.    
  *Ресен е многу музички град, град во кој свиреле и првите македонски рок бендови но истовремено и Град во кој одамна се пренесува староградска музика, и преку аснамблот “Распени ресенчани” . Како потомок на познато ресенско градско семејство, кои песни беа позастапени во вашиот дом кога растевте?
 -Во мојата фамилија од секогаш се негувала и се негува, се пее и слуша староградската песна. Нашите домашни слави, имендени, собиранки не поминуваат без “Три години стана” , “Пара бери киселец”, “Кога си бевме мали” , “Излегов да се прошетам” и многу други. Сите дома убаво пеат а посебно сестра ми и мајка ми, па често знаеме да засвириме и запееме заедно. 
*Имаше ли период кога, како секој млад човек, се двоумете меѓу други правци, поп, рок, рнб, музика и народна песна? Или отсекогаш знаевте дека народното е за вас, тоа ви лежи на душа?           
 -Никогаш не сум се двоумел. Народната песна и музика ми е во срцето, ја сакам и само тука се пронаоѓам.
*Интересен е градот, има некоја чудна приврзаност генерации и генерации да сакаат некои постари песни, од македонската и ју естрада, кои дури и на друго место не се слушаат. Кои од тие посебно ви се допаѓаат, споменете слободно некои. Ресенчани си имаат посебна плеј листа. 
-Се согласувам со Вас, има многу песни кои се слушаат и пренесуваат од генерација на генерација, се пеат и ќе се пеат во иднина. Една таква,стара песна а уште се пее во Ресенските кафани е “Ти си моја девојка” од Ацо Симоновски која многу ја сакам и со задоволство ја пеам.      *Како публика, Преспани се отворени кон музичарите, навремето првото диско се отвори во Крани каде доаѓаа ју ѕвезди, во Отешево, во Царина, Претор, Асамати, но и во киното во Ресен сите уживаа во “присноста” на публиката. Ја има ли уште истата страст кај ресенчани, кога е во прашање музиката и музичарите
  – Во нашата убава Преспа од секогаш се негувала и се негува убавата песна. Јас сум од помладата генерација, но моите родители многу пати ми кажуваат за тоа убаво време, кога работеле со полна пареа ресторани, дискотеки, хотели во нашата општина, каде настапувале врвни пејачии од нашата земја и поранешните ЈУ простори. Но, сепак јас сум задоволен од моите ресенчани како публика, имавме супер комуникација се до почетокот на корона кризава која го зафати целиот свет, мислам дека се се смени, а музиката и забавите се на пауза, не знаеме до кога.
*Вашите сограѓани  на Вашите песни реагираат “поприсно” од оние од другите места или обратно? 
-Јас сум млад пејач можам да кажам на почеток на патот, но наидувам на многу позитивни коментари и поддршка од моите сограѓани, пријатели, познаници.       
*Студирате истовремено и пеете. Колку песни имате снимено досега? Со кои автори?     -Како што кажав, студирам на Музичката академија во Скопје, сега сум трета година отсек соло пеење во класата на професорот Горан Начевски. Досега имам снимено три песни ” 1001 ноќ” , “Не плаши се” и последната “Да си моја” која излезе пред неколку дена и во тек е промоцијата за неа. За трите песни направени се видео записи. Соработувам со текстописецот Борче Нечовски и сите три песни ми се со негов потпис, со музика и аранжман на Дејан Момироски. Проверена екипа која и во иднина не планирам да ја менувам.
*Ве предизвикуваат ли старите преспански песни да добијат ново “оживување” со вашиот убав глас? 
-Секако да. Со мојата група “Кода” веќе направивме еден проект, преснимивме 10 македонски песни во моја изведба, од кои два дуети со мојата другарка и колешка Сања Димова. Во иднина би сакал да препеам и од нашите преубави преспански бисери.      
 *Сакам да ве прашам за музички идоли, чисто за да стекнам подобра претстава што ве влече како интерпретација и начин на изведување. 
-За мене еден од најдобрите вокали и мој идол е Наум Петрески. Многу ги сакам неговите песни и начинот на кој ги интерпретира. Ме воодушевува леснотијата со која пее и преубавата боја на неговиот глас. 
*Во иднина и ќе компонирате ли песни? Имате таков афинитет? 
-Досега не сум пробал, но не се знае, можеби во иднина и тоа ќе биде.                 
* 2020 беше каква што беше, за некои музичари инспиративна, снимаа во домашните студија, за некои поразувачки, седеа дома без настапи. Како ви помина Вас?
 – 2020 беше тешка година, се работеше толку колку што дозволуваа условите. На почетокот во јануари  имав настапи во Данска кај нашите иселеници, после тоа се случи што се случи и свирки речиси и да немаше, но како што веќе спомнав заедно со “Кода” за време на летниот период успеавме да го сработиме проектот и еве сега пред самиот крај на годинава излезе мојата нова песна “Да си моја”. Се надевам публиката ќе ја прифати и ќе биде слушана. Сега со убаво да ја почнеме годинава што доаѓа, да бидеме здрави, живи, да се вратиме во нормала, за сите да биде убаво па и за нас музичарите.       
 *Што ќе следува во 2021. Ќе снимате, ќе патувате, што си имате поставено како цел? 
 – Прво здравје, па со Господ напред планови секако имам, да снимам нови песни и се надевам ќе имам настапи и патувања.    
 *И за крај, во ова интервју, кажете ни нешто плус за себе. Што прави Живе Мешуревски кога не пее, настапува, свири, патува. 
 -Како секој млад човек и јас слободното време го користам за дружење, сакам да пешачам во природа, да прочитам по нешто, да бидам со моите во Ресен. Потекнувам од земјоделска фамилија, а за да се произведе преспанското јаболко сака доста работа во текот на целата година. Колку што можам и кога имам време со задоволство им помагам на моите родители.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ