Наш специјален известувач
Сунчица Уневска
Оваа година повторно „Златната мечка“ отиде кај документарен филм, само што овој пат немаше никакви дилеми дека „Дахомеј“ – 67-минутниот филм на француско-сенегалската режисерка Мати Диоп, апсолутно ја заслужи наградата. Но, она што беше првпат и што ја испиша историјата е фактот дека младата Мати Диоп, инаку предводничка на новиот африкански културен бран, беше првиот црн автор кој ја доби оваа престижна награда. И не случајно, бидејќи таа во овој филм успева да ја најде вистинската формула, да каже толку многу низ една своевидна репортажа за враќање на кралското богатство од некогашната колонизаторска Франција во денешната западноафричка република Бенин, а тоа сепак да биде филм кој во себе има уметност, кој отвора толку многу прашања и кој на сето тоа му дава душа, душа што одѕвонува во минатото, но и во сегашноста.
Интересно е дека филмот е за враќањето на 26 скулптури, а Франција има земено над 7.000 артефакти. Но, тоа не ја менува важноста на овој настан, бројните алузии, неверојатни дискусии, дебати и расправи за тоа дали оваа реституција е навреда или не е, и дали Бенин навистина треба да е среќен за враќањето на ова културно наследство. Некому му е доста од револт, а некому од лицемерието, прашувајќи колку луѓе денеска во Бенин можат да сметаат на три оброци дневно. Но, огледалата, ходниците, музеите, значењето што го носи ехото низ тие празни бели простори кои сега ќе добијат дел од загубеното, на свој начин зборуваат за враќањето на суштината, враќањето на загубеното, враќањето на значењето, на оној дух кој умее да ја исполни празнината и да ја донесе надежта.
Филмот на Мати Диоп беше еден од оние кои навидум не зборува директно за политиката или моменталните актуелни настани во светот, а всушност е обратно, тој како и многу други филмови годинава на фестивалот, успеаја толку добро да проговорат за сегашноста без да се занимаваат со неа, бидејќи впрочем културата и оние ликови кои невидливо се исцртуваат во огледалата, ги даваат контурите на минатото подеднакво како и на сегашноста. Мати Диоп и нејзиниот филм беа изненадување уште кога се појавија на фестивалот, и иако цело време за најголем фаворит важеше иранскиот филм „Мојот омилен колач“, сепак, оваа одлука на свој начин беше очекувана.
Изабел Ипер во својата етерична улога во „Потребите на патникот“[/caption]А така е и кога станува збор за Големата награда на жирито која повторно ја освои јужнокорејскиот режисер Хонг Санг-со со својот нов филм „Потребите на патникот“, во кој по трет пат соработува со Изабел Ипер. Хонг Санг-со е една навистина многу необична појава во светот на филмот, и се чини недофатлива. Не случајно во Берлин е дури шести пат и се чини дека неговите филмови не можете никако да го заобиколите. Колку навидум неговите приказни и да збунуваат на почетокот, како што беше оваа година со голем дел од публиката, тоа се дела кои се чини имаат толку нивоа што навистина треба време за да ги откриете или да ги сфатите.
Многу, многу необичен филм, кој овој пат Санг-со ќе го снима во боја (за разлика од претходните црно-бели), но и бојата на свој начин ќе ја употреби. Како тече филмот се прашувате за чии потреби, всушност, тука станува збор и дали оваа чудна патничка, која постојано го пие нивното вино од ориз маколи, кон кое тие се однесуваат со почитување, е фокусот на приказната или обратно. На моменти таа со својот необичен од наеднаш исчезнува од нивниот видокруг, останува само она што го прави или зборува, но дали и тоа е така, дали тоа чувство што успева да го измами од нив, но и од нас, е вистинито. Феноменален е Санг-со навистина, а Изабел Ипер ја игра оваа улога со целата потребна етеричност.
Сепак, наградата за најдобра машка улога отиде кај романско-американскиот актер, Себастијан Стан, инаку поранешна Марвелова ѕвезда, за неговата специфична улога во филмот на Арон Шимберг, „Различен човек“. Во него тој игра маж кој има неврофиброматоза, чиј живот се распаѓа по земање на чудотворниот лек. Додека, наградата за споредна женска улога ја доби познатата британска актерка (Емили Вотсон, која ја паметиме од „Кршејќи ги брановите“), за нејзината морничава улога во филмот на отворањето „Како овие мали нешта“ на Том Милантс, каде што во 1980-тите во еден ирски манастир ги прикрива злоставувањата. Но, морам да кажам дека според мене имаше барем уште две фантастични, и тоа главни женски улоги, кои требаше да добијат награди, а тоа се Ања Плашг за австрискиот филм „Бањата на ѓаволот“ и данската актерка Сидсе Бабет Кнудсен за нејзината брилијантна улога во затворскиот филм „Синови“.
Како и да е, од останатите награди „Сребрената мечка“ му припадна на францускиот автор, Бруно Думон, кој беше во Берлин пред десетина години со „Камил Клодел“. Наградата овој пат ја освои за научнофантастичниот филм „Империја“. Австрискиот директор на фотографија, Мартин Гешлахт (познат на нашата публика од фестивалот „Браќа Манаки“) доби награда за уметнички придонес за филмот „Бањата на ѓаволот“, додека Нелсон Карлос де Лос Сантос Ариас од Доминиканската република беше прогласен за најдобар режисер за филмот „Пепе“, во кој главната улога ја има нилскиот коњ…