Ако се занимавате со работа која бара само да седите, морате од време на време да станувате, да прошетате и да ги истегнете нозете. Долготрајното седење има негативен ефект врз здравјето и може да доведе до проблеми како што се слабост во мускулите, проблеми со дебелото црево, лошо држење и проблеми со ‘рбетниот столб. Идеално, треба да станете на секој час, да се истегнете, да направите неколку чекори и слично. Бидејќи во повеќето случаи тоа не е можно, ви претставуваме што можете да правите додека седите за да не се дојде до мускулна неактивност на целото тело.

Бидете немирни
Немојте само да седите мирно. Тапкајте со стапалата, мрдајте во столчето и слично. Исто така, истресете ги рацете, истегнете ја главата и вратот, седете исправено, исправете ги лопатките. Важно е да не седите вкочането и мирно цело време.

Исправете ги нозете
Исправете ги нозете така да бидат паралелни со подот и да ви се затегнат мускулите на бедрата. Држете ги нозете во таа положба неколку секунди, спуштете ги и повторете повторно. За поголем отпор, ставете ја едната нога преку другата и правете ја вежбата.

Стомачни мускули
Стегнете ги стомачните мускули додека седите. Држете ги затегнати неколку секунди, релаксирајте се и повторувајте онолку пати колку што можете. Исто така, обидете се да ги подигнете стапалата неколку сантиметри од подот, држете ги кратко во таа положба и спуштете ги. Повторете по желба.