Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) објави дека ќе биде потребно да се ограничи движењето на ранливите групи дури и кога ќе се укине мерката за изолација.
– Постојат јасни ризични групи кои се повеќе погодени од вирусот корона и поверојатно е дека нема да преживеат доколку се заразат. Значи, кога зборуваме за укинување на рестриктивни мерки, па дури и за туризмот, исто така велиме дека луѓето со поголем ризик не треба да патуваат – рече директорот на ECDC, д-р Андреа Амон.
Различни фактори влијаат на сериозноста на клиничката слика на лица заразени со Ковид-19 болест, но Европскиот центар за превенција и контрола на болести ги класифицира сите оние над 70 години и оние со хронични заболувања, вклучувајќи хипертензија, дијабетес, срцеви заболувања и карцином, во најранлива група.
Забележано е дека „мажите во овие групи се изложени на поголем ризик од жените“.
Забелешките на ECDC се појавија откако официјалните претставници на туризмот вршат притисок врз земјите на Европската унија да ги олеснат патните забрани воведени за борба против вирусот.
Фриц Јоусен, извршен директор на компанијата ТУИ, рече „дека во Германија и Европа патувањето и одморите се од голема важност за луѓето“.
– Сега треба добро да излеземе од кризата. На туризмот во Европа му е потребна јасна перспектива – додаде Јоусен.
Тој рече дека отворањето треба да им се дозволи на оние земји што „постигнале добар напредок“ во борбата против вирусот и сакаат да ги вратат туристите, вклучително и Грција, Кипар, Португалија, Австрија, Балеарските острови и Бугарија.
Н.Д.