Новинари за човекови права од 1 јуни ја продолжува соработката со Британската Амбасада во Скопје, која го поддржува проектот “Остани алармиран, остани безбеден”. Проектот има за цел изработка, продажба и донација на 100% памучни маски за повеќекратна употреба како и едукација на 30 лица од маргинализирани групи граѓани како самостојно да изработуваат безбедни памучни маски и повеќекратни влошки за управување со менструалната хигиена.
“Во текот на проектот се планирани изработка на над 1000 маски, како и хигиенски влошки за повеќекратна употреба. Целта е на граѓаните кои се на маргините на општеството да им обезбедиме заштита за време на пандемијата, но и да ги научиме како сами да ги изработуваат овие производи, кои ќе може да ги користат и во иднина. Менструацијата не запира за време на пандемија, а огромниот број на жени и девојчиња кои финансиски не може да си ги дозволат хигиенските влошки имааг потреба од токму ваква вештина, која подоцна ќе може да ја споделуваат и со своите пријателки и познанички.” – вели Накова Андреа, координатор на проектот.
Проектот е со времетраење од 1 месец, но со помош и донација од граѓаните кои сакаат да донираат со купување на маски, чии средства потоа ќе се влеат во фондот за изработка на маски за донирање на маргинализирани групи на граѓани, како и со поддршка од Британската Амбасада, има можност да продолжи до крајот на август.
Како што информираат од НЧП сега за сега интересот на граѓаните е неочекувано голем, а најмногу се јавуваат од приватни компании и физички лица.
Маските се шијат на машини донирани од проектот “Хемиски Безбедни по здравјето играчки во РепубликаМакедонија” подржан ГЕФ ПМГ. Ова докажува за одржливоста на нашите проекти, односно машините и по завршувањето на проектот се ставени во функција за производство на еколошки безбедни производи.
Со ваша донација од 50 денари добивате маска и донирате во фондот за изработка на маски наменети за маргинализирани групи на територија на град Скопје.
Маските може да го порачате на detstvo@detstvo.org.mk.
Ал.Н.