Властите во Судан открија масовна гробница со телата на 28 војници убиени во неуспешниот обид за пуч против поранешниот претседател Омар ал-Башир во 1990 година, соопшти обвинителството на земјата. Тоа е втора масовна гробница од тој период пронајдена во последните неколку месеци, а откриена е во Омдурман, кај Картум, пренесува АП.
„Доказите укажуваат дека масовната гробница е најверојатно таму каде лежат телата на офицерите кои биле убиени и погребани на бескрупулозен начин“, се вели во соопштението на обвинителството.
На екипа од 23 експерти и требаше три недели за да ја идентификува и открие локацијата што подолго време беше строго чувана.
Наводно, 28 офицери кои се обиделе да го соборат ал-Башир биле уапсени и егзекутирани во чудни околности пролетта 1990 година. Ал-Башир беше малку познат генерал кога дојде на власт во исламистички пуч една година порано.
„Ваквите злосторства нема да поминат без фер судење“, рече обвинителството.
Ал-Башир (76) од власт беше соборен од армијата минатата година, а тој сè уште не го коментира откритието. А.Р.