понеделник, јануари 20, 2025
домаНасловнаКИРЕ МИРЧОВСКИ, ГИТАРИСТ: Мојот нов албум значи страст, љубов, емоција, непроспиени ноќи...

КИРЕ МИРЧОВСКИ, ГИТАРИСТ: Мојот нов албум значи страст, љубов, емоција, непроспиени ноќи и идеи за подобро утре!

Разговараше: Валентина Ѓоргиевска Парго

Нов албум се крчка и наскоро ќе излезе, потпишан од Кире Мирчовски. Втор гитарски албум во само три години. Голема е љубовта кон гитарата, нели?  Колку песни има на албумот , кој учествуваше во нивното создавање, во нивното реализирање, како сте задоволен од тоа како помина…

-После година и кусур месеци конечно се виде крајот на моето соло EP ‘Insanus’.  Проектот го снимив во студиото GreenRoom Sound на Дамир Пух. Инсанус е составен од 5 композиции, инструментална рок музика, најразбирливо и едноставно преведено. На моја огромна чест и задоволство како гости се појавуваат Дамир Пух во песната Wanderlust и Мијата во песната Petrichor. Задоволен сум како помина целиот процес на снимање, период кој вечно ќе остане врежан во моето срце. Научив многу за музиката, пристапот, создавањето, креирањето и имплементирањето на идеите. 

На која тема од албумот типувате? Која ќе биде вашиот фаворит? 

-Омилена песна немам, сите ми се подеднакво драги, секоја си е приказна за себе, секоја со своја емоција опишува одреден период од мојот живот и битисување. Го чекам моментот кога публиката ќе може да го слушне целиот проект и да изнесат свој став, мислење и тоа како ја доживуваат песната. Станува збор за инструментална музика и многу е фино што секој на свој начин ја доживува и тоа е баш легитимно и правилно. Нема текст кој ќе ги води во одредена насока.

Вториот албум “жеже”. Снимен е, готово, сега се очекува уште да го здогледа светлото на денот.  

-Промоцијата беше планирана за месец април, но поради појавата на вирусот се одложи, па така остана на самиот крај во мирување. Не знам кога точно и во која форма ќе биде реализирана промоцијата но ќе биде наскоро. Една од целите која што ја имав зацртано во глава беше кога ќе завршам со проектот да оформам и бенд со кој ќе можам да ја изведам музиката во живо, па така за време на стагнација на многу работи во општеството, мирувањето на проектот го искористив токму за тоа. Се склопивме бенд, трио кое ќе дејствува на музичката сцена под називот Atom Particles. Се надевам дека во блиска иднина ќе објавиме и бендовски, авторска песна. 

Во малку потешки општи услови е создаван,  во време на корона, во ограничени можности, затворени граници. Како мислите да го промовирате? Ќе ви се исплати ли трудот, времето и вложените финансии?

-Времето, трудот, енергијата вложени во создавањето музика, снимањето и учењето е најубавото и за мене најблагородно и чисто како солза поминато време. Време кое значи страст, љубов, емоција, непроспиени ноќи и идеи за подобро утре. Идеа да создадеш дело кое ќе остане за век и векови во историјата. А тоа секако и тоа како се исплати. Битно е што ќе оставиме а не колку. 

Какво е искуството да се работи и учи од Дамир Пух? Колку има или не допирни точки со вашата претходна  обука кај професорот Јанко Узунов и на Музичка академија во Германија?

-Можноста да се учи од музичар и гитарист, генијалец како Дамир Пух ме прави многу среќен. Човек кој несебично ми го пренесува знаењето, разменуваме идеи, совети, пиеме пиво, зборуваме понекогаш за теми што немаат допир со музика но да, секој муабет и дружба се продуктивни и може да се извадат куп лекции кои ме прават подобар музичар, гитарист, но и пред  се човек. Покрај бендот, короната ми отвори исто така повеќе простор и за други работи. Го отворив своето студио  Equinox кое веќе е во завршна фаза на средување а и веќе се снимени неколку песни за други артисти . Така да со тоа си остварив уште една од целите зацртани во главата. Па нека се множат песните и нека има нова музика.

Честитки. Најавувте и модерно студио, во кое, врамени во стакло се големите постери на “Ред хот чили пеперс”, Џими Хендрикс, “Битлси” …да сфатиме ли дека  овие музичари и бендови за вас значеа и најголемите инфлуенсери во определувањето на Вашиот музички правец?  Имате ли и некој друг идол, невидлив водач од светската музичка гитарска сцена, а и од нашата, секако. 

-Секако дека имам влијание од  концепти на повеќе гитаристи. Ги има многу великани и би составил листа од многу многу од нив. Но еве би направил мала селекција и би прошарал малце  од Том Морело, Џон Фрушанте, Џими Пејџ, Хендрикс, Скофилд, Ник Џонсон, Блекмур, Џанго Рејнхард, Марк Нопфлер  и многу други цареви. Нека ми простат останатите. 

Млад дипломиран правник, љубител на ноќни искачувања во Водно, а инспириран и целосно посветен на музика. 

-Да ја сакам природата, планините. Јас сум човек кој детстовото,  сите можни летни и зимски распусти ги поминав со баба и дедо на планина барајќи го рисот (се смее). Сега имам и одлично друштво, пријатели, големи љубители на природата, фанатици,  Па секоја прилика ја користиме да искачиме некој врв. Имаме прекрасни планини, прекрасна природа уште само да ни порасне свеста и да научиме да ја негуваме а не да се однесуваме како ние да сме нејзини господари и да ја загадуваме и уништуваме… 

Што друго го карактеризира младиот скопјанец  Кире Мирчовски?

-Покрај музиката, изворот, планината, дел од мене се моите прекрасни кучиња Фли и Фанк. Со нив оваа слика ми е целосна.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ