Изреволтираните родители од последните изјави на министерот Филипче дека со отворањето на градинките се отвора можноста мајките да се вратат на работа, ги натера се погласно да си ги бараат своите права. Изненадени од одбивањето да им одговори на прашањата кои ги мачат подолг период и од неискоординираните изјави со министерката за труд и социјална политика, му пишаа писмо упатено до него. Мајките бараат конкретно решение со продолжување на породилното отсуство, бидејќи вос противно никој од работодавачите нема да ги ослободи од работни обврски, а нивните деца не се, ниту пак ќе бидат запишани во најмалата група во градинка, јасли, каде што според протоколите предвидено е најмалку 6 деца во група да бидат згрижени. Во писмото се вели:
„Почитуван Министре,
Ние мајките кои сме на породилно отсуство и на продолжено породилно отсуство, сме крајно револтирани на Вашите последни изјави да ни го прекинете платеното продолжено породилно и така ноншалантно да изјавувате дека со отварањето на градинките треба да се вратиме на работа, а од друга страна да очекувате лошо сценарио во септември. Во решенијата убаво ни пишува дека сме на платено продолжено породилно додека траат времените мерки. Дали тие мерки завршија? Ве молиме излезете и јавно кажете дека завршија сите времени мерки и тогаш укинете го породилното. Не може само градинките да се времени мерки и да мислите дека со нивното отварање сте го решиле нашиот проблем. Дали знаете дека во една група во јасли треба да има 6 бебиња? Само 6!!!
Па нашите деца немаат никаква шанса да се запишат и да тргнат во градинка. Воедно родителите на деца до 10 години ги ослободувате од работа и очекувате ние да влеземе во таа мерка. Дали размисливте колку мајки ќе добијат отказ доколку пробаат да ја користат оваа мерка? Не се работодавците толку разбирливи како што мислите. Или можеби знаете, ама веќе избори поминаа, па не Ве интересира како ќе се снајдат мајките и дали ќе останат без работа (дури не наведувате да мислиме дека претходните одлуки биле само собирање на политички поени). Поради Вашата несериозност во решавање на нашиот проблем, особено по завршување на изборите и по повторно добивање на мандатот, принудени сме да ги искористиме сите средства за да се избориме за правото да го заштитиме здравјето на нашите најмали, а притоа да не ја изгубиме работата. Затоа бараме без никакви отстапки да ни го продолжите платеното породилно отсуство. Се надеваме дека со Комисијата за заразни болести ќе ја донесете правилната одлука/препорака, единствената правилна одлука, продолжување на платеното породилно отсуство! Со почит„
Н.Д.