На скопската Инфективната клиника има уште 10 слободни кревети, а на чекор до активирање е монтажната болница, додека грасата болница 8ми Септември е речиси без празен кревет. Полни се и инфективните одделенија низ целата држава. Од вчера без слободни места останале Куманово, Струмица, Велес и вкупно 18 пациенти со Ковид-19 биле препратени во болниците во Скопје.
Но, она со што деновиве се соочуваат инфективните болници е заминувањето на медицинскиот персонал. Началничката на инфективниот оддел во градската болница 8ми Септември, д-р Патриција Каламарас, уште пред неколку дена најави дека заминува од болницата и оди во приватна болница, а и една докторка од Инфективната клиника дала отказ, додека трите сестри за кои пишувавме неодамна исто така одлучија да не се враќаат на старото работно место.
За решавањето на настанатиот хаос со корона вирусот, минситерот Филипче повикува на почитување на мерките, со што и ќе се помогне на растоварување на здравствениот систем. Тој верува дека мерките како што е носење маска на отворено, ограничување на четворица гости во домовите со цел да се избегне групирање ќе дадат резултат. Мерките треба да поминат на владина седница најдоцна до вторник. Ако бројките на заразени не се намалат, предвидени се и дополнителни рестрикции како намалување на бројот на патници во јавниот превоз и ограничување на угостителските објекти. Целта е да се избегне карантинот.
Н.Доковска