Министерството за здравство информира дека откако кај починатиот Амди Бајрам потсмрттно е утврдено дека истиот бил позитивен на ковид-19, Центарот за јавно здравје-Скопје ги презема сите мерки за заштита и спречување на понатамошно ширење на инфекцијата во и вон неговото семејство и сите оние кои во изминатиот период имале интензивни и блиски контакти со починатиот. Загриженоста е уште поголема ако се знае дека минатиот викенд семејството на Амди бајрам правеше семејна веселба со голем број гости од Македонија во Истанбул, Турција.
-Од страна на ЦЈЗ Скопје, согласно редовната постапка во вакви случаи, итно ќе биде спроведена епидемиолошка анкета со најблиското семејство на починатиот со цел точна и детална идентификација на контактите во изминатите денови. Со анкетата, ќе биде направена евалуација на степенот на ризик и ќе биде дадена препорака за тестирање, односно самоизолација за неговите контакти. Согласно анкетата, Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш ќе издаде решенија за изолација за лицата за кои таа ќе биде одредена, велат од Министерството.
Министертството за здравство изразува сочувство до семејството и апелира, во интерес на заштита на нивното здравје, во целост да соработуваат со надлежните служби. Дополнително, да се избегнат сите погребни ритуали, а погребот да се спроведе согласно протоколите, како превенција од понатамошно ширење на инфекцијата од ковид-19. Инаку, членови на неговото семејство преку социјалните мрежи ги повикаа сите негови следбеници да се приклучат не погребната поворка која ќе тргна од неговиот дом.
Амди Бајрам бил донесен во приватна болница во веќе егзитирана состојба. На починатиот му бил земен брис, а резултатот потврдил присуство на вирусот ковид-19.
Н.Д.