Студија спроведена на 100 пациенти со Ковид-19 во Велика Британија покажа дека луѓето кои имале лесна или асимптоматска форма развиваат имунитет кој може да трае и до шест месеци.
За време на презентацијата на резултатите од истражувањето, научниците истакнаа дека тоа не значи дека луѓето во ретки случаи не можат повторно да се инфицираат со оваа болест.
„Иако овие резултати нè прават претпазливи оптимисти за силата и времетраењето на имунитетот стекнат откако се заразени со вирусот САРС-КоВ-2, тие се само едно парче од сложувалката“, рече Пол Мос, професор на Универзитетот во Бирмингем, додавајќи дека има уште многу да се работи пред целосно да се знае како имунитетот влијае на корона вирусот.
Студијата вклучува анализа на примероци од крв од 100 пациенти шест месеци откако тие ја прележале лесната или асимптоматска форма на болеста. Резултатите покажаа дека нивото на антитела опаднало, но одговорот на Т-клетките останал силен, пред сè кај лицата кои развиле симптоми на болеста.
Покрај тоа, студијата покажа дека одговорот на Т-клетките е различен и дека е значително посилен кај луѓето кои имаат сериозни симптоми отколку кај оние кои немаат никакви симптоми кога ќе се заразат.
„Овие резултати покажуваат дека неколку месеци по инфекцијата, иако нивото на антитела паѓа под нивото на видливост, сепак постои одреден степен на имунитет на болеста“, рече Чарлс Бангам, претседател на Одделот за имунологија на лондонскиот Империјал колеџ, додавајќи дека ова е добра вест на долг рок во смисла на развој на вакцини.
Иако повеќе од 46 милиони луѓе се заразени со корона вирусот ширум светот, има многу малку потврдени случаи на реинфекција. А.Н.